Изутринава продолжува пребарувањето на местото во реонот на француските Алпи каде вчера се урна авионот од типот „ербас А320“ на германската компанија „Џерманвингс“ со 144 патници и шест членови на екипажот, јави дописникот на МИА од Париз.
Пребарувањата, во нив се вкучени 380 припадници на француската жандармерија и 380 пожарникари, се оценуваат како сложени. Деловите на авионот, кој се распрсна при ударот во планината, се расфрлани на површина од околу четири хектари на тешко пристапен терен меѓу местата Дињ и Барселонет.
Според припадник на спасувачките екипа, досега не е пронајден ниту еден поголем дел од авионот, освен предните тркала.
Како многу сложен се најавува и процесот на идентификацијата на жртвите, бидејќи и речиси сите тела биле распарчани.
Посмртните останки на жртвите се пренесуваат со хеликоптери, но лошото време и ниските облаци дополнително ја отежануваат операцијата.
Истражните органи работат и на пронаоѓање на втората црна кутија од авионот, откако првата беше пронајдена уште вчера и е започната нејзина анализа во Бирото за истраги и анализи. Со содржината на снимените параметри на летот на авионот ќе се направи обид да бидат откриени причините за катастрофата.
Засега не е познато зошто е прекината комуникацијата меѓу пилотите и контролата на летот. Котролорите на летот започнале постапка за „загрозеност на леталото“, откако на радарите забележе дека авионот лета многу пониско од дозволената висина. Падот на авионот траел цели осум минути.
Претставникот на авиокомпанијата „Луфтханза“, Хајке Бирленбах, изјави дека засега падот на авионот се третира како несреќен случај, додавајќи дека сите други причини за несреќата се шпекулации.
Ваквата изјава на Бирленбах следи отакако францускиот премиер Мануел Валс, вчера не исклучи ниту една хипотеза за причините за падот на авионот.
Најавено е дека денеска околу пладне местото на несреќата ќе го посетат претседателот на Франција, Франсоа Оланд, германската канцеларка Ангела Меркел и шпанскиот премиер Маријано Рахој.
Авионот „ербас А320“ на „Џерманвингс“ се урна вчера со 144 патници и шест членови на екипажот во реонот на Алпите, во јужниот дел на Франција, на 100 километри северно од Ница. Авионот летал од Барселона за Дизелдорф. Државниот секретар во француското Министерството за сообраќај Ален Видал уште вчера попладне соопшти дека при падот на авионот нема преживеани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Пет причини за падот на вредноста на турската лира
-
Летав 30 метри – поранешниот голман на Каљари раскажува како го преживеал падот од надвозникот
-
ОЈО по допрен глас отвори истрага: Ќе се гонат тие што пишуваат на Фејсбук за пожарот во Грција
-
Истрага во Србија за македонска надри-лекарка Слаѓана Велков и за Јелена Карлеуша