| четврток, 6 декември 2018 |

Куманово остана без пласман во полуфиналето на БИБЛ лигата

Екипата на Куманово не успеа да обезбеди пласман во полуфиналето од регионалната кошаркарска Балканската лига (БИБЛ).

Иако кошаркарите на Куманово вечерва, пред преполните трибини во кумановскиот спортски центар го совладаа бугарски Рилски спортист со 107-101 во реванш четвртфиналниот меч, сепак, тоа не беше доволно да се анулира негативата од првиот натпревар во Самоков каде загубија со 12 поени разлика 97:85.

Кумановци во регуларнот дел имаа и 16 поени предност сепак крајот на регуларните 40-минути завршија со плус 12 (100-88) па мораа да играат дополнителни пет минути.

А, во продолжението, гостите од Самоков со завршната серија од 6-0, успеаја да го стигнат посакуваниот резултат и да обезбедат пласман во полуфиналето.

Александар Костоски беше убедливо најдобриот поединец во таборот на Куманово со 29 поени (пет тројки) и 7 асистенции. Бранислав Ѓекиќ оствари дабл-дабл ефект со 23 поени и 13 скока, а капитенот Марјан Јанески заврши со 17 поени.

Екипата на Рилски спортист во полуфиналето ќе игра со косовски Пеќ, додека Кожув го чека подобриот од двомечот Сигал Приштина и Крајова, чиј епилог се очекува утре, а во кој косовската екипа ќе влезе со предност од 77:73 остварена на првиот меч во Романија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top