Првата турска нуклеарна централа најверојатно нема да биде пуштена во употреба пред 2022 година, иако првично беше планирано таа да стане оперативна најдоцна до 2019 година, соопштија високи официјални претставници во Анкара.
Одолжувањето на изградбата на централата во јужниот турски град Акуј, според истите извори, се должи на доцнењето на почетокот на реализацијата на проектот.
– Првиот реактор може да биде пуштен во погон најмалку седум години по почетокот на неговата изградба. Оттаму рокот до 2019 година, не може да биде исполнет – изјава неименуван висок претставник на турскиот енергетски сектор.
Турција пред неколку години почна амбициоизна нуклеарна програма, чијашто цел е намалување на турската зависност од увоз на електрична енергија. Во 2013 година Анкара склучи договор вреден 20 милијарди долари со Руската државна корпорација за атомска енергија (Росатом), за изградба на нуклеарна централа со четири реактори со вкупна моќност од 1.200 мегавати.
Турција годишно за увоз на струја троши по околу 50 милијарди долари, а имајќи го предвид забрзаниот пораст на потрошуивачката на електрична енергија, Владата во Анкара сака најдоцна за 10 години најмалку пет проценти од потребите на турските потрошувачи да ги задоволи од нуклеарни капацитети.
Турските медиуми наведуваат дека доцнењето на почетокот на изградбата на нукеларната централа делумно е предизвикано и од проблемите во добивањето одобрение од службата за заштита на животната средина, која постави повисоки безбедносни стандарди по несреќата во јапонската нуклеарна централа во Фукушима во 2011 година.
Росатом на еколошкото одобрение мораше да чека речиси една годиниа и тоа, конечно, беше издадено лани во декември.
Меѓутоа, стручњаците проценуваат дека реализацијата на проектот е загрозена и од финансиските проблеми со кои се соочува Росатом, предизвикани од западните санкции кон Русија поради кризата во Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.