Во декларацијата 21 политичар ги осудуваат „заканите на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кон премиерот Никола Груевски“, пишува „Утрински весник“.
Група од 21 политичар, пратеници и членови на Парламентарното собрание на Советот на Европа, се обратија со писмена декларација за загриженоста од последниот развој на политичката ситуација во Македонија, особено за, како што велат, „неодговорното однесување на политичката опозиција“. Во оваа декларација тие ги осудуваат „заканите на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кон премиерот на Македонија, Никола Груевски“ и ја осудуваат „инволвираноста на странски тајни служби и нелегалното прислушување на највисоките државни претставници на Република Македонија“.
Во писмената декларација, која меѓу другите ја потпишаа: Педро Аграмунт од Шпанија, Германецот Аксел Фишер, Французинот Жан-Клод Мињон (кој е претседател на Парламентарното собрание на Совет на Европа), Дебора Бергамини од Италија, Георги Канделаки од Грузија…, се вели дека „парламентарните избори во Република Македонија беа слободни и фер, согласно со нотираното во извештаите на ОБСЕ и ПС на Совет на Европа“. Потписниците на декларацијата ја поддржуваат интеграцијата на Македонија во Европската унија и НАТО и укажуваат „дека за евроатлантската интеграција на државата постои заедничка одговорност и на владејачките и на опозициските партии во Република Македонија“. Тие укажуваат дека „само политички аргументи и програми поддржани од граѓаните се демократскиот начин да се добијат избори“.
Оваа група политичари од различен политички спектар во Европа бара „продолжување на политичкиот дијалог и одговорно однесување на опозициските социјалдемократи и целосно искористување на нивните мандати во Собранието на Македонија“. Тие бараат и „слободна и независна судска постапка според највисоките европски стандарди и целосна транспарентна постапка“. Потписниците на декларацијата го поддржуваат политичкиот дијалог во решавањето на конфликтите и повикуваат на „одговорно однесување на политичката опозицијата, почитувајќи ги демократските правила на политичкиот систем“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.