Македонскиот Институт за белодробни заболувања кај децата „Козле“ доби Интернационална награда за квалитет на услугите, како признание за примена на сите стандарди и протоколи за лекување деца во областите пулмологија, алергологија и туберкулоза.
Меѓународната потврда за квалитетот на услугите „Козле“ ја доби на собирот на Global trade leaders club, што се одржа од 13 до 15 овој месец во Париз, а во изборот учествуваа компании и институции од 90 држави.
Оливер Зафировски, директор на Институтот „Козле“, вели дека наградата е потврда за повеќедецениската работа и ентузијазмот на многу генерации доктори во давање висококвалитетни здравствени услуги, постојаната надградба на кадарот, како и големата меѓународна соработка.
– Колегите кои работат во оваа установа со години се посветени на својата работа во развој на одделенијата во кои веќе се началници. Сменивме неколку генерации, но квалитетот на давањето здравствени услуги и покрај сите потешкотии во земја како што е Македонија останаа на високо ниво, рече на прес-конференција Зафировски.
Наградата, потенцира, е и признание од голем број колеги надвор од Македонија со кои со години соработуваме и на едукацијата во странство што веќе ја поминаа 25 проценти од лекарите од Институтот преку проектот на Министерството за здравство.
– Наградата ни овозможува широк контакт со многу институции од цел свет. Со неа сме на исто рамниште со сите клиники, секако не можеме во однос на буџетот што го имаат останатите затоа што има клиники што даваат 50 милиони до 100 милиони долари за научни програми. Но, благодарение на интернетот и се што е достапно нашата клиника ги воведе сите стандарди и протоколи за лекување деца од областа на пулмологија, алергологија и туберкулоза, рече Зафировски.
Во 1952 година Институтот „Козле“ почнал да работи како болница за детска туберкулоза, а 95 проценти од пациентите биле лекувани од тоа заболување. Сега, според Зафировски, многу мал број пациенти се лекуваат од туберкулоза, а на најголем број им требаат здравствени услуги во областите пулмологија, алергологија, хронична патологија, малформации и се што е дел од педијатриската пулмологија. Токму во „Козле“, потсети Зафировски, се формирани првата интензивна нега на Балканот, како и првото одделение на бронхоскопија од доајените во областа од кои учеле сегашните вработени.
Во Институтот „Козле“ работат 26 доктори специјалисти педијатри, по двајца ушни лекари и микробиолози, радиолози, како и 18 млади доктори од кои голем дел се заминати на специјализација. Годишно во „Козле“ болнички се лекуваат по 4.000 деца и се вршат 35.000 амбулантски прегледи. Институтот наскоро треба да добие нови простории за работа, за што на истата локација се во тек градежни активности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.