Градежништвото, фармацијата, земјоделството, машинската и електро индустријата се секторите со кои Македонија може да се пробие на африканскиот пазар. Но, претходно мора да дефинира стратегија, да утврди приоритети и да воспостави квалитетни бизнис врски, беше речено на денешната трговска конвенција во Стопанската комора.
Таргет ќе бидат Алжир, Тунис, Мароко и Египет, а во напорите за настап на овие пазари, земјава има поддршка од Турција. Може да ги користи нејзините досегашни искуства и знаења во оваа насока.
– Иако размената е мала, инцидентна, само 36 милиони долари во 2013-та и 74 милиони долари минатата година, тоа не треба да не обесхрабри. Сепак, сами не можеме да продреме на овие пазари. Стратегијата на турскиот партнер датира од 2003 година кога размената била само 2,3 милијарди долари, а во 2013-та достигнала околу 30 милијарди – истакна извршниот директор на Комората Јелисавета Георгиевска.
Македонија, напомена Георгиевска, мора повеќе да развива политички и економски односи со земјите од Северна Африка, да субвенционира учество на саеми таму и да воспостави регулаторна рамка, пред се договори за одбегнување на двојно оданочување и за заштита на инвестициите.
Стратегијата на Турција е постепено ширење амбасади во Африка. Од 2003-та кога имале само десет, дошле до бројка од околу 40.
– Ние со тоа не можеме да се пофалиме. Имаме само едно конзуларно претставништво, во каиро, Египет – посочи директорката на Стопанската комора.
Стопанската комора има клуб за ревитализација на односите со Африка и Магреб. На конвенцијата денеска е договорено турските партнери да им покажат на македонските колеги каде во Африка има најмалку бирократски процедури и кои се најатрактивните сектори.
Според претседателот на Турско-африканскиот бизнис совет Тамер Ташкин, африканскиот пазар е отворен за сите видови производи.
– Битно е да има производители и да постои интерес за соработка – рече Ташкин. Тој смета дека африканскиот пазар особено ќе биде голем потенцијал за светските економии по поскапувањето на нафтените деривати.
Копретседателот на Македонско-турскиот деловен совет Хасан Хошбен уште еднаш ја потврди поддршката од труска страна. – Втор пат доаѓаме во Скопје. Првата средба лани ја ограниќивме на само неколку земји, а сега концептот ни е проширен со целиот африкански континент. Нашата цел е да ги споделиме искуствата и знаењето во однос на соработката со африканските земји, истакна Хошбен.
Македонската економија беше застапена на африканскиот пазар пред 20 години како дел од југословенската федерација. Тогаш во размената доминираа градежништвото и фармацијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.