| четврток, 6 декември 2018 |

Работи кои не треба да ги споделувате

Научени сме да делиме сè што имаме со блиските.Тоа е сосема во ред. Но, постојат одредени работи за кои не важи ова правило и кои треба да избегнувате да ги давате за туѓа употреба, без разлика за колку блиски луѓе станува збор.

Woman applying mascara on eyelashes

Креми и лосиони

Постојаното пикање на прстите во кутијата за крема придонесува за развој на бактерии во самиот производ. Без разлика колку вашата сестра/мајка/пријателка ги одржува рацете чисти, со самото тоа што станува збор за други раце, се зголемува изворот на бактерии и тие се размножуваат повеќе.

Совет: Доколку кремата е во поголемо пакување, претурајте ја во помала кутија, која ќе ја користите секојдневно, ќе ја измиете кога ќе се потроши и повторно ќе ја наполните.

Маскара

Било кој производ кој доаѓа во близок контакт со очите никогаш не смеете да го делите. Таков е случајот и со маскарата. Иако мислите дека вашата пријателка или сестра има здрави очи, лесно можете да се заразите со конјуктивит, херпес на очи и разни други инфекции.

Пинцета за веѓи

При скубење на влакната со пинцета, редовно се одвојува микроскопска количина на крв, иако ние не ја гледаме. Токму затоа со овој предмет многу лесно се пренесуваат бактерии и инфекции, доколку го споделувате со други.

Доколку веѓите си ги средувате во салон за убавина, задолжително носете своја пинцета.

Совет: Пинцетата редовно пребришувајте ја со алкохол за да ја дезинфицирате, пред и после секоја употреба.

Сјај за усни

Четкичките со кои се нанесува сјајот за усни седат во затворен и влажен простор. Токму заради тоа, не постои начин да се сопре размножувањето на бактериите и вирусите штом четкичката дојде во контакт со нив.

Брич

Исто како ипинцетите, бричевите собираат крв и останати материи од вашето тело. Со тоа, бактериите остануваат на нив дури и откако ќе ги измиете. Инфицираните бричеви можат да ви пренесат различни болести, како хепатитис, стафилокока, па дури и ХИВ.

Четки за нанесување шминка

Четките за шминка секогаш ни се расфрлани низ собата и по несесерите, заради што доаѓаат во контакт со многу бактерии, кои се размножуваат во влакната на четката. Исто така, четките собираат бактерии и мртви клетки од површината на кожата кога ги употребуваме. За да се заштитите од инфекции на кожата, никогаш немојте да ги делите, дури ни со вашата сестра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top