| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се обновуваат мозаиците во црквата во Октиси

Струшкиот музеј „Д-р Никола Незлобински“ оваа година ќе реализира неколку нови активности, но ќе работи и на дозавршување на веќе почнатите програмски активности.

Се работи се проекти од областа на археологијата, историјата и културното наследство, кои оставиле посебен белег за едно минато време во струшкиот регион. За осум од вкупно десет проекти што музејот во Струга ги доставил до Министерството за култура ќе бидат потпишани договори, со што почнатите истражувања ќе може да продолжат во континуитет. Тоа што е приоритет за 2013 година е локалитетот „Врбник“, каде истражувањата се продеолжени по подолг период, а сѐ со цел да се направи целосна слика за оваа археолошка област на устието на Дрим, информира Сашо Цветковски, директорот на музејот во Струга.

Оваа година ќе продолжиме со него и тоа подводно археолошко наоѓалиште во континуитет ќе го истражуваме не само оваа година туку и во наредните години. Тоа е значајно затоа што ние минатата година, по десеттина и повеќе години го отворивме како археолошки локалитет. Сето тоа што се најде минатата година покажува дека има извонредно многу материјали. Вториот проект што ќе го продолжиме е „Црковни ливади“ во село Враништа – вели Цветкоски.

Исто така, еден од покрупните проекти што ќе се реализираат оваа година е обновувањето на мозаиците на ранохристијанската базилика во струшкото село Октиси, во соработка со црквата „Свети Никола“.

Ние имаме голема површина, односно голема квадратура на мозаиците, така што црковниот одбор на црквата „Свети Никола“ во село Октиси веќе има иницијатива за еден голем проект, еден голем објект што ќе го изградат до самата базилика, каде што би можеле да се изложат и другите фрагменти – објаснува директорот Цветковски.

Мозаиците од оваа ранохристијанска базилика пред неколку години беа изложени во Спомен-домот на „Браќата Миладиновци“ во Струга. Покрај овие поголеми проекти, музејот „Д-р Никола Незлобински“ во текот на оваа година ќе реализира проекти и од етнолошко културно значење на градот Струга.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top