| четврток, 6 декември 2018 |

Грција ќе ги исполни обврските кон ЕУ, но ѝ снемува пари

грција

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска во Берлин ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел, во време кога расте загриженоста поради намалувањето на финансиските резерви на Грција, а Владата ја подготви листата со детални реформи во согласност со барањата на меѓународните кредитори на земјата.
Во изјава за неделното издание на „Катимерини“, Ципрас рече дека состанокот е можност за двајцата лидери да разговараат без притисок.
– Состанокот нема да биде под притисок од страна преговорите. И ова е многу значајно затоа што и двајцата можеме да разговараме за важни прашања што ја оптоваруваат Европа, како и за подобрување на билатералните односи меѓу двете земји- рече Ципрас.
И покрај оптимистичкиот тон на премиерот, предизвикот со кој се соочува е тежок и комплексен, коментира „Катимерини“. Пред сè, и покрај неговото уверување дека Грција ќе ги исполни сите свои обврски, на државата ѝ снемува пари. Грција има потреба од околу 1,5 милијарда евра за да ги исполни своите обврски за март и две милијарди евра за април. Упатени извори откриле дека официјални лица нашле начин како да ги покријат обврските за оваа недела, но за понатаму е неизвесно. Наводно, се размислува за повеќе опции, меѓу кои и доцнење на исплатата на плати и на пензии, а постои можност и за повлекување пари од резервите на пензиските фондови, државните органи и комуналните услуги, но институциите изразија двоумење за ваквата мерка.
Во меѓувреме, владата на Ципрас е под притисок да го подготви пакетот реформи, врз основа на списокот што министерот за финансии Јанис Варуфакис го испрати на доверителите и кој беше основа за договорот со Еврогрупата од 20 февруари. Покрај одобрувањето од страна на министрите за финансии од еврозоната, кои, најверојатно, ќе се состанат следната седмица, мерките, исто така, треба да се изгласаат и во грчкиот Парламент, што значи дека Ципрас мора да ја добие поддршката од крајно левичарските критичари во рамките на Сириза, кои се спротивставија на голем број предложени мерки. Законите кои се гласаа минатата недела, со кои се обезбедија нови мерки за борба против сиромаштијата и планот за плаќање данок, добија широка поддршка, но не е јасно дали поконтроверзните реформи лесно ќе бидат одобрени.
Аналитичарите коментираат дека грчкиот премиер ја помина првата пречка, по тешките разговори со највисоките официјални претставници на ЕУ на мини-самитот минатиот четврток во Брисел, со кој се намалија растечките тензиите меѓу Грција и нејзините колеги од еврозоната и издадоа заедничка изјава за намерата да ги почитува условите на договорот од 20 февруари. Сепак, како што се очекуваше, и покрај тоа што беше истакната критичноста на државните финансии на Грција, Ципрас не успеа да обезбеди ветување за ослободување на ликвидноста, откако претседателот на Европската Централна банка Марио Драги остана на неговиот цврст став спротивен на Грција и на потребата за конкретен напредок во реформите пред да се намалат финансиските ограничувања, пишува „Катимерини“.
Според некои извори, грчкиот премиер успеал да врати дел од довербата која грчките функционери ја загубија во изминатите неколку недели. Но, мини-самитот во Брисел не почнал добро, соопштија истите извори, истакнувајќи дека Ципрас инсистирал на финансирање без да понуди нешто суштински за возврат. Грчкиот премиер не бил задоволен поради тоа што на мини самитот учествувал претседателот на Еврогрупата Јерун Дејселблум, веројатно поради неговите претходни коментари дека би можело да се воведе контрола на капиталот на грчките банки, како што се случи во Кипар во 2013 година, ако ситуацијата се влоши.
Ципрас му замерил и на Драги, тврдејќи дека ЕЦБ не направила доволно за да се зголеми ликвидноста во Грција, на што шефот на Европската централна банка одговорил дека не е негов проблем ако Грците ги повлекуваат своите заштеди од банките поради чувство на несигурност . Според некои извори, Драги, исто така, го опишал како „неприфатливо“ однесувањето на грчките власти кон техничките тимови кои се претставници на доверителите и кои се принудени да работат во хотели поради тоа што официјална Атина е против тоа тие да ги посетат министерствата со цел утврдување на фактите.
Дури и вообичаено воздржаниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер го предупредил Ципрас на провокативните изјави од страна на грчките власти, и побарал од грчкиот премиер да обезбеди неговите министри да не создадат антиевропска клима во земјата.
„Катимерини“ пишува дека „официјален претставник кој бил дел од разговорите“ го опишал состанокот како „многу едукативен“за Ципрас, истакнувајќи дека грчкиот премиер добил појасна слика за тоа како работат институциите за кредитирање на Грција и кои се нивните граници.
– Јасно му беше ставено до знаење дека или веднаш ќе продолжи со реформите, или ќе го избере патот кон Грегзит (излез од еврозоната) – изјавил официјалниот извор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top