Средба на двa извонредни музичара, во комбинација со врвниот Камерен гудачки оркестар на словенечката филхармонија, oд која се раѓа несекојдневно музичко доживување. Огнот и мразот, Влатко Стефановски и саксофонистот и флејтист Васко Атанасовски, в сабота, на 21 март, во Дом на АРМ во Скопје ќе донесат нови аранжмани на традиционалните македонски и словенечки песни.
За македонскиот музичар, кој веќе твори во петтата деценија од кариерата, овој концерт е уште една скала во обидот да го крене на повисоко ниво своето занимање со музика и да се предизвика себеси.
Одамна утврдена константа е дека на концерт кај Влатко Стефановски не може да има потфрлање. Но, постои и друга непроменлива вредност, а тоа е дека секоја нова соработка носи поинакво музичко доживување и емоционален лифт. Овој пат, ќе ве чуеме со Васко Атанасовски. Како се спојуваат вашите гитара и саксофон, огнот и мразот?
Стефановски:Благодарам што мислите дека секој мој концерт е погодок. Но, сепак, како спортистите, не сакам многу да зборувам пред рака. Да, соработувам со многу различни музичари, кои доаѓаат од разни страни… Секој од нив си носи свој сензибилитет и карактер. Со Васко сме релативно нови соработници, но верувам дека нашите инструменти имаат одличен дијалог и заедничка нишка. А гудачите се, навистина, многу раскошна подлога за свирење мелодии и за импровизирање.
Во последен момент имавте проблем со салата. Сте настапувале и во необични места, како затвор, болница, дом за возрасни лица, но токму со овој проект колку Ви менува тоа што место во Универзална, ќе настапите во Дом на АРМ?
Стефановски: Таквите промени носат малку стрес и организациски проблеми, но во последен момент се решивме за Дом на АРМ, кој, за среќа, беше слободен на 21 март. Јас ја сакам таа сала, иако е помала, сепак тоа е дом и на Македонската филхармонија, па некако тој концерт би требало да си легне природно во тој простор. Сега место еден ќе свириме два концерта, но тоа сум го правел и порано и верувам дека и на моите гости нема да им биде многу напорно.
Го издвоивте „Крушево“ како Ваше ремек-дело, две акустични гитари и чист звук, албум што и денес си го преслушувате. Сигурно исполнивте многу Ваши соништа во овие четири децении кариера имајќи предвид каде сѐ и со кој сѐ не сте свиреле, но постои ли желба, која и Вам Ви изгледа како недостижна?
Стефановски: Се обидувам да мечтаам и да посакувам работи што се достижни. Не го губам времето во празни сонувања за нереални успеси или награди. Се обидувам само да го кренам на повисоко ниво моето занимавање со музика, да работам со врвни имиња, и притоа да се предизвикувам себеси ставајќи се во различни контексти. Од соло-настапи, до симфониски концерти… Во секој случај, подобро е да добиеш „Оскар“, отколку грип.
Живееме во време кога технологијата нуди толку многу можности, кои кај нас некако не се користат. Време кога на нашата сцена владее поразувачка просечност. Има ли излез? Сепак, во едно Ваше интервју нагласивте дека за успех не е важно од каде доаѓате.
Стефановски: Технологијата помага, но таа не може да ви ја одработи работата. Треба да седнете и да ги завиткате ракавите ако сакате да направите нешто добро. А просечноста, очигледно, ги задоволува стандардите на медиумите, јавноста и на публиката. Се изнагледавме реални забавни програми и избори на таленти… Со такви критериуми и вредности не се оди далеку. Вистинските вредности, таленти, образование и интелигенција се, навистина, потценети…
Кој албум го преслушувате во моментов, кој филм од понов датум Ви оставил впечаток?
Стефановски: Во моментов вртам два албума на Боб Дилан. Едниот е најновиот „Shadows in the Night“, а другиот е од ’68 година, со наслов „Basment tapes“. А, мојата сопруга Гордана го слуша Квинси Џонс со албум од ’73 година, кој носи наслов „Quincy Jones“. А околу филмовите, ги изгледав речиси сите кандидати номинирани за „Оскар“, а „Момчештво“, „Бирдман“, „Игра на имитирање“, „Ритамот на лудилото“ ми беа најинтересни.
Надвор е пролет, живи сме. Што е следно за Вас?
Стефановски: Дај Боже, да сме живи, здрави и весели. И сите малку да се свртиме кон својот скромен живот, наспроти големиот општествен живот, кој постојано ни го зема умот.
Пишува: Maрина Костовска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.