Хрватските граѓани би можеле наскоро во САД да патуваат без виза, пишува хрватскиот портал index.hr, и додава дека ова би можело да важи и за бугарските и за романските граѓани.
Двајца претставници во американскиот Конгрес, републиканецот Џо Хек од Невада и демократот Мајк Квигли од Илиноис, предложиле закон кој доколку биде изгласан, ќе овозможи додавање на Хрватска на листата земја чии граѓани во САД можат да патуваат без виза. Укинувањето на визниот режим со САД, со овој закон, освен за Хрватска, се предложува и за Аргентина, Бразил, Чиле, Панама, Уругвај, Израел, Бугарија, Полска и Романија.
Конгресмените кои го предложиле проширувањето на листата земја чии граѓани во САД можат да влезат без виза, тврдат дека овој закон би овозможил отворање нови работни места во американската туристичка индустрија, имајќи го предвид тоа што може да се очекува раст на бројот на туристи. Според процените на американската туристичка заедница, овој закон на годишно ниво во САД би привлекол 600 илјади туристи, економијата би се засилила за дополнителни седум милијарди долари годишни приходи, и би се отвориле околу 40 илјади работни места.
Пред предлог законот да дојде на гласање, Стејт Департментот мора да го извести американскиот конгрес за потенцијалните сигурносни ризици. Дел од конгресмените стравуваат дека укинувањето на визниот режим за одредени земји ќе влијае на состојбата на безбедноста, односно дека со додавањето на поголем број држави на листата на земји кои со САД немаат визен режим, би можел да им овозможи полесно влегување во земјата на терористите поврзани со Ал Каеда и Исламска држава.
-Мораме да процениме колку нас оваа програма ни е потреба од економска перспектива, но и да провериме за да не станеме ранливи од сигурносна перспектива, изјавила републиканската претставничка Кендис Милер на седница на парламентарниот одбор задолжен за безбедносната на американските граници.
По состанокот Милер за Washington Times најавила дека со администрацијата на претседателот Барак Обама ќе се посоветува околу тоа како да се додадат одредени земји на оваа листа, но истовремено да се наметнат обврски за почитување на сигурносните протоколи кои Американците ги бараат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.