Мајами хит имаше импресивно враќање, од минус 27 поени во Кливленд и ја забележи 24. победа во серија. Леброн Џејмс е непобедлив и го предводеше шампионот во нова суперавантура, со 25 поени, 12 скока и 10 асистенции. Во претходниот меч на „жешките“ од Мајами, Бостон водеше со 17 поени разлика, но и тоа не беше доволно за да се сопре тимот со втор најдобар победнички скор во историјата на НБА. Само Лос Анџелес лејкерс со тимот од сезоната 1970/71 е пред нив со 33 успеси во низа.
На 18 минути до крајот на мечот, Мајами имаше негатива од 40-67 и се чинеше дека им нема спас. Сепак, Кралот Џејмс се разбуди и го водеше тимот до најголемото враќање на еден тим сезонава, за победа од 98-95. Со тоа заврши таканаречената тура враќање дома на дел од играчите на шампионот. Во последните 4 натпревари, „жешките“ од Мајами гостуваа кај Двејн Вејд во Милвоки, потоа во Бостон кај Реј Ален играа со Торонто, кој е поранешен тим на Крис Бош и сега победија во Кливленд, каде што порано играше Леброн Џејмс.
– Губевме со голема разлика од 27 поени, но 18 минути во НБА се цела вечност. Не мислев на победничката серија, но не смеев да оставам да ја нема буквата Л на турата наречена враќање дома – рече Леброн Џејмс.
Во Кливленд кога гостува Леброн салата секогаш е полна, а публиката непријателски настроена бидејќи симпатизерите на Кавс сметаат дека нивната поранешна ѕвезда ги предаде со заминувањето во Мајами. Но, не мислат сите така.
На теренот во последната четвртина влета момче со порака на маицата „Ни недостасуваш, те молам врати се во 2014 година“. Тоа е реткост во НБА, а обезбедувањето експресно го отстрани неочекуваниот гостин од паркетот. Џејмс во 2014 ќе биде слободен агент, а се најавува дека Кливленд е заинтересиран да го врати во своите редови. Во 2003 година тој беше избран како прв пик на драфтот од овој тим, но не успеа да освои титула со нив.
И сега пак ги разочара, со прекрасна игра, особено во последната четвртина. За 12 минути, даде 14 поени со 7 скока и 3 асистенции. При резултат 96-95, Леброн ги погоди двете слободни фрлања, а Си-Џеј Мајлс промаши тројка за продолжение.
-Ако некаде не сака да загуби, тоа е овде во Кливленд. Ни рече не вечерва и не овде – изјави Двејн Вејд, соиграчот на Џејмс. Ниту еден друг кошаркар на Мајами немаше 20 или повеќе поени, освен Џејмс.
Останати резултати: Шарлот – Торонто 107-101, Атланта – Милвоки 98-90, Њујорк – Орландо 104-96, Далас – Бруклин 96-113, Мемфис – Оклахома 90-89 (п.), Хјустон – Јута 100-93, Њу Орлеанс – Бостон 87-86, Сан Антонио – Голден стејт 104-93, Феникс – Вашингтон 79-88, ЛА клиперс – Филаделфија 101 – 72
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.