| четврток, 6 декември 2018 |

Нова италијанска инвестиција за расветни тела во Прилеп

bazi

Италијанска компанија за расветни тела „Буци и Буци“ инвестира во Прилеп. Почетната инвестиција е 300.000 евра со 20 вработувања. Произведува расветни уреди – ламби за модната индустрија како Бенетон, Армани и Версаче. Почнуваат со производство на 10, а планираат производство на 100 модели.

Претставници на компанијата денеска го посетија Прилеп и имаа работна средба со градоначалникот Марјан Ристески.

– Пред една година и половина се решивме да инвестираме  во Македонија и нашиот прв контакт беше со градоначалникот Марјан Ристески.  Одлучивме дека најлесно ќе биде овде да ја реализираме инвестицијата. Досега имаме фабрики во Шангај, Дубаи, Њујорк и во Италија, а сега отворивме погон во Прилеп. Почнавме со инвестиција од 300.000 евра со 20 вработени, а за две години сакаме да стигнеме до 100 вработувања – изјави Дарио Буци.

Тој додаде дека станува збор за браунфилд инвестицијата и претставува прва фаза од проектот. На почетокот ќе има производство на десет модели на расветни уреди, а ќе произведуваат над 100 модели. Произведуваат расветни уреди – ламби, за модната индустрија, за Бенетон, Армани и Версаче.
Во Прилеп компанијата ја отвори фирмата под називот „Дан Иновејшн“. – Ја цениме вашата култура зашто е слична со италијанската и оваа година е многу значајна за нашата фирма бидејќи „Буци и Буци“ слави 25-годишен јубилеј. Во Македонија дојдовме  по препорака на други инвеститори кои ни предложија овде да инвестираме, појасни Дарио Буци.
Според градоначалникот Марјан Ристески ова е втора најава за инвестиција за два дена во Прилеп.
– Компанијата веќе има инсталирано машини и оваа недела го почнаа производството. Поради отвореноста на бизнис секторот решија да отворат погон во Прилеп. Оваа фирма ќе соработува и со други локални компании што е многу битно за развојот на прилепската економија – рече Ристески кој ги повикува сите млади стручни луѓе да се пријават за да најдат работно место во оваа компанија.
Италијанската компанија во Прилеп доаѓа на препорака на Милан Бичанин, инвеститор кој осум години има фирма за преработка на зеленчук и печурки „Бимфуд“.
– Првично, сакаа да инвестираат во Романија, но ние ги убедивме да дојдат во Македонија, поволни се условите за инвестирање, искуствата се позитивни и ќе може и ние да му помогнеме зашто во Македонија сме веќе осум години – вели Милан Бичанин, сопственик на фирмата за преработка на зеленчук и печурки „Бимфуд“ која има погон во Прилеп.

Во Прилеп вчера министерот за странски инвестиции Бил Павлески го најави и влезот на германската автомобилска компанија “Акомпласт“   која ќе отвори погон вреден неколку милиони евра и ќе вработи околу 250 луѓе.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top