| четврток, 6 декември 2018 |

Во Македонија најчесто се тргува со дрога, се шверцуваат емигранти и се затајува данок

Најчести форми на организиран криминал во Македонија се трговијата со дрога, шверцување емигранти, а во делот на финансискиот криминал е затајувањето данок и изнуда. Поранливи на ризик од организиран криминал се одделенијата или полициските службеници на граничната и на сообраќајната полиција, како и полицијата за искоренување на криминалот.

Ова се дел од заклучоците во Извештајот за следење и анализа на ризиците од корупција и организиран криминал и други документи за јавна политика, презентиран денеска од Меѓународниот центар за меѓународна соработка (МЦМС), заедно со Центарот на демократија од Бугарија, во Скопје.

Според Руслан Стефанов, стручњак, директор на економскиот програм на ЦИД, Бугарија, клучната основа на демократијата е контрола на органите на прогонот, но постои, посочи, многу тенка линија меѓу тоа да им се служи на граѓаните и злоупотребата на довербата дадена од граѓаните од страна на властите.

– Ако ги видите податоците во Извештајот, ќе увидите дека корупцијата во Македонија, како и во поголем број земји од регионот е многу сериозно прашање. Еден од главните заклучоци во Извештајот е дека иако македонската Владата направила многу за излегување на крај со организираниот криминал и корупција, останува уште многу да се направи на полето на обелоденувањето на јавни информации, како и да се координираат одговорните институции и да се дадат интегрирани статистички податоци за тоа колку лица се обвинети и осудени – изјави Стефанов. Тој смета дека истражувањето за корупција треба да почне од највисоко владино ниво и само тогаш,нагласи, може да имаме одржливи резултати во борбата против оваа појава.

Како што нагласи Емилија Туџаровска-Ѓорѓиевска, проект координатор во МЦМС, корупцијата во Македонија од страна на граѓаните е класификувана на петто место, а криминалот на седмо место како проблем во државата, додека на прво и второ место според перцепцијата на граѓаните се невработеноста и сиромаштијата. Македонија, подвлече, во однос на организираниот криминал е рангирана на 98-то место од вкупно 148 земји од Глобалниот извештај за конкурентност на светскиот економски форум за 2013-2014 година, со вредност од 4,6, од вкупно 7 децимали.

– Според проекцијата на ММФ за раст на БДП во државата до 2018 година се смета дека е постои раст на стапката на вработеност, а со тоа намалување на толеранцијата на граѓаните и на самите државни службеници на корупција односно на мотивот јавните службеници да се вклучат во корупција – рече меѓу другото Туџаровска-Ѓорѓиевска, која го презентираше Извештајот.

Најчести форми на корупција што ги користи организираниот криминал за влијание врз политичарите во Македонија се поткупот и трговијата со влијание, стои во извештајот. Анализите на податоците од анкетата со претставници од приватниот сектор покажуваат дека 12,5 проценти од македонските компании го сметаат перењето пари како релативно честа појава. Измамата со данокот на додадена вредност е појава што постои за 27, 5 проценти од компаниите, иако 96,5 проценти од испитаните компании рекле дека во изминатата година не им била понудена активност поврзана со перење пари или измама со ДДВ. Правната рамка, стои во Извештајот, во земјата е во согласност со меѓународните стандарди, доесга се усвоени сите потребни механизми и алатки, и постојано се ажурираат во согласност со ГРЕКО. Недостаток е отсуството на унифицирана рамка односно статистички систем  за следњењ на кривични дела поврзани со корупција и оргнаизиран криминал, којшто би опфатил повисока, поефикасна размена на податоци и соработка помеѓу  сите надлежни институции.

На барање на новинарите да ги коментира случувањата со наводното прислушување во Македонија, Руслан Стефанов, директор на економскиот програм на ЦИД, Бугарија, истакна дека во секоја земја опозицијата е еден од најважните фактори во контролата на власта.

– Не ги знам деталите, но контролата на единиците за истрага не е толку добра колку што треба. Важно е и за позицијата и за опозицијата да се знае кој има пристап до посебни информации, затоа што можат тие информации може, меѓу другите, да отидат во организирани групи или терористи.

Надвор од политичка дебата низ која што поминува Република Македонија, како што поминуваат и многу други земји, потенцира тој, има потреба од поголема отчетност при користењето на посебните истражни мерки од страна на државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top