| четврток, 6 декември 2018 |

Американски воен ветеран ги отфрла обвинувањата дека е џихадист на ИД

­ Американскиот воен ветеран Тајрод Нејтн Вебстер Пах (47) ги отфрла обвинувањата дека се обидувал да и се приклучи на милитантната исламистичка група Исламска држава (ИД).

На првото сослушување пред судот во Њујорк, тој одби да го прифати обвинувњето дека се обидел да собира пари за финансирање на ИД,како и дека ја попречувал правдата.

Во јануари оваа година, Пах е задржан од турските власти на еден тамошен аеродром. Кај него е пронајден лаптоп на кој имало информации за тоа како да се премине границата, од Турција во Сирија, како и снимени џихадистички видео материјали и линкови.

Според американското обвинителство, кај него е најдено и писмо што било испратено од една жена, за која полицијата верува дека му е сопруга, во кое тој признава дека ќе го искористи сето свое знаење и стручност што му било дадено од Алах за да обезбедува пари за ИД.

Вебстер Пах е американски државјанин од Њу Џерси, роден и израснат во САД.

Тој е оспособен за авионски механичар и важи за специјалист за авионска техника. До 1998 година бил припадник на американската воена авијација, како механичар, а по напуштањето на армиските сили преминал во исламската религија.

Од тогаш работел за неколку цивилни авионски компании во САД и на Блискиот Исток.

Американското ФБИ во 2001 година примило информација од неговите колеги во „Американ Ерлајнс“ каде тогаш работел за тоа дека отворено зборувал оти е симпатизер на Осама Бин Ладен, како и дека ги оправдувал терористичкте напади врз амбасадите на САД во Кенија и Танзанија во 1998 година.

За време на сослушувањето во јануари оваа година во Турција,тврдел дека дошол на одмор во земјата, но турските власти го протерале во Египет, од каде допатувал.Египетските власти веднаш го уапсиле кога се вратил во Каиро, а подоцна го депортирале во САД. Судијата во процесот против Вебстер Пах закажа ново сослушување во мај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top