| четврток, 6 декември 2018 |

„Ван Хол“ со фабриката во Македонија стана најголем извозник на автобуси во САД

ван хул

Компанијата „Ван Хол“, по отворање на фабриката во Македонија, стана извозник број еден на автобуси во САД. Според сопственикот Филип ван Хол, кој се сретна со градоначалникот на општина Илинден, каде што е лоцираната зоната „Бунарџик“ во која е и фабриката на „Ван Хол“, рече дека главен придонес на ваквите резултати се квалитетната работна сила и стручноста на кадрите во компанијата во Република Македонија.

Тој најави дека нивна интенција е отворање нови капацитети и проширување на производството и отворање нови работни места.

Од општина Илинден посочуваат дека постоењето на оваа светска марка во општината е од огромно значење за локалната самоуправа, но и за регионот, па и пошироко.

– „Ван Хол“ не само што директно придонесе за намалување на невработеноста, туку овозможи развој и поддршка на повеќе мали компании, кои си најдоа свое место како партнери во производствениот процес на „Ван Хол“ – наведуваат од општина Илинден.

На средбата градоначалникот Жика Стојановски го презентираше работењето, плановите и активностите за равој на општина Илинден посочувајќи дека локалната самоуправа и во иднина ќе остане отворена за директна соработка и поддршка на деловната заедница. Тој искажа задоволство од постоењето на ваква компанија на територијата на општината.

Од средбата произлезе заедничка оцена дека во иднина треба да се интензивира соработката во повеќе сегменти, се со цел да се покаже општествената одговорност на оваа компанија во развојот на локалната заедница.

Општина Илинден и „Ван Хол“ во 2013 година потпишаа Меморандум за соработка во областа на образованието со кој белгиската компанија се обврза да обезбеди практична настава,  обука и работно ангажирање на учениците од Средното стручно училиште „Илинден“, според потребите во сопствените капацитети. Во таа насока, на средбата претставниците на „Ван Хол“ истакнаа дека планираат на дел од учениците што ќе се истакнат со своите знаења и ќе пројават инетрес за производствените процеси, директно да им обезбедат можност за вработување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top