„Романтични арии за бас“ е насловот на концертот на Македонската филхармонија, кој под диригентство на маестро Јануш Пшибилски од Полска, ќе се одржи в четврток во Домот на АРМ во 20 часот.
Како солист ќе настапи македонскиот истакнат пејач со меѓународна кариера, басот Игор Дурловски, кој ќе изведе две дела од врвните германски композитори Рихард Вагнер и Рихард Штраус – сцената на крал Марке од операта „Тристан и Изолда“, како и аријата „Колку е убава музиката“ од операта „Немата жена“ која ќе ја доживее премиерната изведба во Македонија.
Македонската филхармонија соопшти дека на концертот „Романтични арии за бас“ ќе ги изведе и увертирата од операта „Мајстори пејачи“ од Вагнер, а за прв пат на македонската сцена ќе прозвучат и „Адаџето“ од операта „Изгубениот рај“ од полскиот авангарден композитор Кшиштоф Пендерецки, како и Симфониета бр. 1 од полскиот композитор Мјачеслав Вајнберг, кој живеел во Русија, и затоа се смета за третиот најголем руски композитор заедно со Дмитриј Шостакович и Сергеј Прокофјев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.