Пролетниот Моден викенд Скопје кој ќе се одржи од први до петти април ќе започне со првоаприлски моден маскенбал во клубот „Станица 26“ а ревијалниот дел ќе го отвори колекцијата на Росица Мршиќ на третти април во катната гаража „Солунски конгрес“ на „Кеј 13 ноември“ бб каде ќе се одржуваат сите ревии во рамките на единаесеттото издание.
Викендот ќе продолжи со ревии на студентите од Факултетот за арт и дизајн при ЕУРМ и изложба на професорите од истиот факултет наречена „Артерија-Антерија“.
Младите дизајнери Ивана Цветковска и Алмир Мили на презентацијата на своите колекции ќе ја поддржат и кампањата „ Да ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата – Сега! “ кон која годинава се приклучи и Моден викенд Скопје.
Ново име на модниот настан е Дејан Тодоровиќ кој повеќе години се занимава со дизајн но сезонава за прв пат ќе се претстави на Моден викенд Скопје.
Ќе бидат презентирани и најновите колекции на модните куќи „Линеа“ и „Хера“ а „Фешн Груп Македонија“ ќе презентира капсулна колекција маички дизјанирани во соработка со познатата македонска блогерка Јована Зука.
Регионалната соработка на Моден викенд продолжува па така Ирина Тошева по ревијата кај нас колекцијата ќе ја претстави и на модната недела во Љубљана на 13 април.
Повторно гостуваат реномираната дизајнерка Флутура Дедиња и модната куќа „Менакон“ од Косово. Првпат на Моден викенд ќе ги видиме и креациите на косовската дизајнерка Венера Мустафа и една од најталентираните млади српски дизајнерки Јована Марковиќ која освен во Србија своите креации ги продава и во Велика Британија и Москва.
Единаесеттото издание на Моден викенд Скопје ќе го затвори моден перформанс на Олгица Ѓоргиева.
Во продолжение на Моден викенд кон средината на април ќе ги видиме моделите на „Mcouture by Mila Kadriu“ чија колекција потоа ќе биде презентирана на Модната недела на Србија која се одржува од 20 до 26 истиот месец.
Во рамките на едукативната програма од 27 до 29 март во компанијата за едукација и поддршка на млади таленти ќе се одржи работилницата на тема „Развој на моден бизнис“ под менторство на Жан Бутон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.