Патот не води преку граничниот премин Ново Село кон Република Бугарија. На помалку од десеттина километри од пограничниот град Петрич и на само два километри од селото Рупите, сместено во источното подножје на некогашниот вулкан Кожух планина, се наоѓа истоимениот заштитен локалитет- Рупите.
Регионот е познат по термалните лековити извори што привлекуваат многу посетители во текот на целата година, по природната атракција Кожух, возвишение од вулкански карпи чиј врв се наоѓа на 281 метри надморска височина и име што го има добиено затоа што наликува на наметнато куќиште или куќарка што ја носат полжавите, по ретката флора и фауна и единствената оаза на сребрена топола во Бугарија сместена покрај реката Струма.
Но, локалитетот, сепак, е најпознат како место поврзано со светски прочуената слепа јасновитка баба Ванѓа, наречена и Балкански Нострадамус, чие вистинско име е Вангелија Гуштерова (3 октомври 1911 – 11 август 1996), позната во целиот свет со бројните остварени предвидувања кои ги изрекла. Македонка, родена струмичанка, како што стои во нејзините лични документи, која овде живеела последните дваесет години од својот живот, тука ги примала посетителите, тука прорекувала и лекувала и која е тука погребана. Овде, на Рупите, многу побожната баба Ванѓа го остварува и својот најголем сон – да е ктитор на свој божји храм, тоа е меморијалната црква „Света Петка“.
Свето место
Во месноста Рупите, од Петрич, баба Ванѓа доаѓа да живее во 1970 година во потрага по мир од градската бучава. Замолува да и биде изграден скромен дом, дрвена куќарка со двор. Тврди дека Рупите се свето место и енергетски извор од кој таа црпи непресушна сила.
Со текот на годините, од гола и каменеста равнина, Рупите прераснуваат во убав, облагороден локалитет. Овој беспрекорно уреден и осмислен терен именуван како Комплекс Ванѓа Рупите што го чува споменот на јасновитката, и денес секојдневно привлекува илјадници верници, почитувачи и туристи, исто како во времето кога баба Ванѓа беше жива.
Во комплексот се влегува низ широка порта од ковано железо. Калдрмисаната пространа патека води директно во автентично сочуваниот природен амбиент со површина од 230 декари во чие опкружување се сместени скромниот дом на баба Ванѓа со посебната просторија во која ги примала луѓето дојдени кај неа од мака но со верба и надеж и црквата „Света Петка“ со впечатливата камбанарија, нејзиното вечно почивалиште, манастирскиот комплекс со конаци, музејот посветен на животот и делото на Ванѓа, сувенирници…
Целото пространство е еден огромен оформен парк во кој се засадени над 2.000 дрва од сто различни видови. Паркот е и цветна градина со клупи за седење, сеништа за одмор и место за јадење, со лулашки за деца…Тука е еден од изворите со лековита вода што е спроведена во две чешми, а од спротива на црквата, на самата вулканска карпа на Кожух планина, по аманет на баба Ванѓа, во 2009 година е поставен меморијален крст во чест на загинатите од вулканот Кожух, подарок од бугарскиот скулптор Иван Русев. Тоа не е крст изграден во височина, туку е скулптурен крст легнат и распнат на самата вулканска карпа. Симболизира дека секој од нас е смртен и си го носи својот крст и судбина. Крстот е знак и на тоа дека не сме посилни од природата и треба да ги почитуваме нејзините закони, ако не сакаме да ја разгневуваме.
Во постојана борба со каноните
Меѓу луѓето се раскажува дека на баба Ванѓа и дошла на сон Света Петка и и’ порачала на јасновитката на Рупите да и’ изгради црква со нејзиното име за таа „да е поблиску до луѓето“. Но, вистината е дека баба Ванѓа, по седум години откако во 1984 година го заветува целиот свој имот на државата, решава парите што и ги оставаат луѓето кои доаѓаат кај неа од сите религии и националности, да ги вложи во „изградба на божји храм за човечко спасение“.
„Проектирањето на црквата на Ванѓа за мене и за моите колеги беше предизвик. Се обидовме да ја изградиме во склад со природата и со самата атмосфера на Рупите. Не копиравме ниту една веќе изградена црква, сакавме да создадеме место со свој дух и атмосфера. Уникатна. Каква што беше и Ванѓа. Кога почнавме да работиме на проектот таа ни ја кажа само својата желба „црквата да има купола, 12 метри висока, да е бела и убава“ и токму е таква. Ванѓа се’ гледаше. Таа ја носеше верата во себе си. Точно знаеше на кого може, а на кого не може да се потпре“, ќе изјави Богдан Томалевски, еден од двајцата архитекти на храмот на баба Ванѓа.
И како што за се’ предизвикуваше полемики, така беше и за нејзината желба на крајот од животот да изгради единствена црква по своја замисла и урнек во која ќе се чувствува нејзиниот дух и кога ќе си замине и која ќе им помага на луѓето со верба. Во остварување на својот сон Ванѓа вложува се’ што стекнала низ годините и црквата почнува да се гради во мај 1992 година. Луѓето помагаат колку што можат и две години подоцна, таа е веќе готова. Црквата на Ванѓа станува една од првите цркви изградени во Република Бугарија по паѓањето на комунизмот во 1989 година.
За живописувањето на храмот баба Ванѓа лично го повикала академик Светлин Русев, познат бугарски уметник. Но, новата модерна стилистика на ликовите на фреските, реални и земени од секојдневниот живот на Ванѓа, на кои таа инсистирала, не се вклопува со каноните на Бугарската православна црква чии великодостојници првично одбиваат да ја осветат. Баба Ванѓа е длабоко огорчена и тоа не го крие. Сепак, на 14 октомври 1994 година црквата „Света Петка“ е осветена од Неврокопскиот митрополит Натанаил во сослужение на архиереи и свештеници.
Така завршува, или подобро речено започнува приказната за црквата на баба Ванѓа, вгнездена во пазувите на три планини – Огражден, Беласица и Кожух, што станува и останува духовна и туристичка атракција.
Секогаш свежо цвеќе на хумката
Пред да почине, на блиските и на луѓето кои ја бараат нејзината помош баба Ванѓа им кажува: „Болна сум и наскоро ќе ве оставам“. А, кога на 3 август 1996 година осумдесет и петгодишната Вангелија Гуштерова, алијас баба Ванѓа е примена во болницата „Лозенец“ во Софија поради влошеното здравје, јасновитката остава аманет да ја погребаат во дворот на нејзината „бела“ црква. На 11 август заминува во вечноста. Погребана е на Рупите во дворот на нејзината црква во присуство на илјадници луѓе, дојдени да ја испратат до вечното почивалиште. Меѓу оние кои ќе и оддадат почит „стари и млади, политичари и општественици, блиски, непознати и странци“ е и тогашниот претседател на Република Бугарија, Жељо Желев.
Како и при нејзиното последно испраќање, така и денес, гробот на Ванѓа е исполнет со цвеќе. Секогаш свежо. Таму секој ден има запалени свеќи, саксии со цвеќе оставени од посетителите, разни подароци и молитвени писма. Луѓето веруваат дека духот на баба Ванѓа живее на Рупите и му се молат да им помогне.
Духот на скромноста
Она што остава силен впечаток при посетата на Комплексот Ванга Рупите е скромноста во која битисувала баба Ванѓа, што ја отсликува и нејзината лична, интимна природа.
Малата куќарка во која живеела таа во последните години од својот живот, подигната на неколку метри од меморијалната црква „Света Петка“, е повеќе од скромна, со најнеопходните потребштини. Внатре се’ е оставено исто како кога таа била жива. Оние кои се грижат за комплексот особено внимание посветуваат на тоа да се зачува автентичната атмосфера и амбиент.
Куќата на баба Ванѓа за јавност е отворена дури во 2011 година за време на одбележувањето на стогодишнината од нејзиното раѓање и од тогаш е туристичка атракција. Овде, велат, кога природата буи е вистински рај. Во предното дворче на дрвената куќичка цутат разнобојни цвеќиња кои ги има засадено самата баба Ванѓа, инаку голем љубител на цвеќе. Тука виреат и најразновидните цвеќиња во саксии, подарок од поклониците. Куќичката и црквата се дом и на стотици ластовици кои таму ги свиле своите гнезда и на две семејства штркови кои летуваат во близина од времето кога баба Ванѓа била жива.
Кума на 5000 деца
За необичната судбина на баба Ванѓа е пишувано многу, а за нејзиниот живот е снимен и филм што можеше да го види и македонската телевизиска публика. За потсетување, а според едно предание, таа на 12 годишна возраст во виорна бура делумно, а потоа целосно го губи видот. Посетува училиште за слепи деца во Земун каде што научува да плети, да свири на пијано, да чита Браева азбука. Се враќа дома да се грижи за тројцата браќа и сестри, откако и умира маќеата.
Во инцидентот, според неа, добила видение, кое го означило почеток на нејзините уникатни способности на видовитост што потоа ја практикува цели 55 години. Имено, Ванѓа со јасновидост активно почнува од април 1941 година како што ќе изјави „откако ми се јави Свети Иван Златоуст“. Во 1942 година Вангелија, алијас баба Ванѓа, се мажи за Димитар Гуштеров и од родната Струмица пристигнува во Петрич. Тој умира многу млад, на 37 години, а таа останува во Петрич. Низ годините, во контактите со луѓето повеќе се фокусира на давање совети, лекување со мелеми од билки и решавање човечки судбини. Претскажувањата врзани со политиката и личности од таа област ги сведува на минимум.
И денес за баба Ванѓа се беседи дека не можат да се избројат добрините и добрите дела кои таа ги направила за луѓето кои доаѓале кај неа. Некои од мака, други за совет, трети од љупопитност… Малкумина меѓутоа знаат за улогата на баба Ванѓа во доаѓањето на свет на околу 5000 деца. Имено, преку древен ритуал со кукла и пелена што им го правела баба Ванѓа на бездетните жени, се родиле околу 5000 деца.
„На главата немам толку коса колку што сум крстила деца“, знаела да каже горделиво баба Ванѓа со благост и широка насмевка на лицето. Најрадосна била кога ќе и ги донеле на посета „нејзините“ деца.
И денес останало верувањето дека нејзиниот дух може да им помогне на оние на кои им треба помош, па на едно дрво, така речи зад гробот на баба Ванѓа, наречено дрво на желби, се бесат мартинки, црковни белезии и други шарени крпчиња и конци, најчесто црвени, со добри мисли за остварување на желбите.
(Кети Мицковска МИА)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.