Турската централна банка ги остави непроменети каматните стапки и покрај притисокот од страна на претседателот Реџеп Тајип Ердоган и политичките кругови за нивно намалување пред парламентарните избори во јуни, пишува весникот „Хуриет дејли њуз“.
Барањето на шефот на државата за драстично намалување на каматните стапки со цел да се зајакне економскиот раст пред парламентарните избори предизвика загриженост на берзите и придонесе за девалвација на турската лира, како и стравување околу независноста на Централната банка.
– Идните одлуки за монетарната политика ќе зависат од подобрување на перспективите за инфлацијата – се наведува во соопштението на Банката по денешната седница на Комисијата за монетарна политика.
Недоразбирањето меѓу Ердоган и Централната банка изгледаше дека е намалено до извесен степен, откако минатата недела гувернерот на банката Ердем Башча пред претседателот презентираше патоказ за намалување на каматите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.