| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: СДСМ и Црвенковски ќе се вадат на недемократски избори

груевски ѓорчеСДСМ сѐ помалку и помалку зборува за локалните избори во смисла на проекти, градби, на нивна понуда, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Република Македонија, Никола Груевски, на митинг во Ѓорче Петров.

Во СДСМ направиле сопствено истражување на јавното мислење и гледаат дека во наредните неколку дена нема да можат да го убедат народот во нивните лаги и манипулации со кои излегуваат.

– Затоа во последните денови почнаа и ќе продолжат да вршат максимален обид да се спасат од поразот со прогласување на изборите за нелегитимни, за нерегуларни, за нефер, за недемократски. И гледам, како што и се најави минатата недела, оваа недела интензивно се занимаваат со тоа. Баталија улици, баталија паркови, баталија чешми и водоводи, сега се фокусирани само и само да се спаси кариерата на Бранко Црвенковски, за Бранко в недела вечер да каже дека не загубил, туку да каже дека тоа било нешто нерегуларно, нефер, недемократски, режим, тиранија – нагласи Груевски.

Премиерот на Република Македонија рече дека јавноста во последните денови е сведок на таквото однесување на СДСМ.

– Прво со кршење стакла на свои штабови, а потоа со онаа глупост во Крива Паланка дека некој брачен пар со синот се скрил среде ноќ во Министерство за труд и социјална политика во Крива Паланка да пишуваат некакви решенија – додаде Груевски. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на случајот „дупли лични карти“.

– Нашле некои луѓе во нивната партија кои кога ги заменувале личните карти не ги вратиле старите и ги повикале на прес да кажат дека се со две лични карти. Денеска ете смислија нови приказни со државјаните на Македонија од Пустец. Не знам утре што ќе смислат, ама очигледно агенда им е до крај, до недела, да се занимаваат и да докажуваат дека тоа што ќе ги загубат изборите тоа не е пораз, туку тоа  некој режим, тиранија – потенцираше тој.

Груевски пред насобраните праша дали е тиранија тоа што 4 години по ред ЕУ дава позитивен извештај за Македонија, дава препорака до Европскиот совет Македонија веднаш да ги почне, без одлагање, преговорите за членство во ЕУ.

– На режим и тиранија ли дава ЕУ препорака за почеток на преговори, праша тој и нагласи дека секогаш кога ЕК оценува, оти прво ги оценува политичките критериуми: демократија, владеење на право, медиуми. Од 2008 година НАТО прогласи дека Македонија е целосно подготвена да стане членка на НАТО и на ЕУ и дека се чека само да се реши проблемот со нашиот јужен сосед. Тиранија ли се градбите што ги правиме насекаде низ Македонија , тиранија ли се субвенциите на земјоделците од 135 милиони евра наспроти нивните само 5 милиони евра и тоа само во една година, тиранија ли е зголемувањето на пензиите, како и зголемувањето на социјалната помош, тиранија ли е постојаното намалување на цените на лековите – праша Груевски.

Нагласи дека додека СДСМ бил на власт, Македонија ниту имала препорака за почеток на преговори, ниту позитивни извештаи како сега, ниту пак ги укинале визите за нашите граѓани.

Премиерот се осврна и на обвинувањата на СДСМ за невработеноста и сиромаштијата.

– Бранко Црвенковски најде да зборува за невработеност и за сиромаштија. Човек што ја создаде невработеноста и сиромаштијата, што создаде над 200.000 стечајци, кој направи криминални закони за приватизација за да си ги распределат помеѓу нивните олигарси кои веднаш откако ги приграбија фирмите ги отпуштија луѓето, ветуваше дека ќе вработи по еден член, не само што не вработи, туку отпушти по еден член од секое семејство – потенцираше.

– Бранко Црвенковски е грдото лице на нашето минато и тој во никој случај не може да биде иднина – порача Никола Груевски на митингот во Ѓорче Петров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top