Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната работа по 39-тата седница ги прифати во прво читање измените на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и заклучи дека можат да се дадат на натамошно читање.
Со нив, како што појасни министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, се предлага при промена на живеалиштето, граѓанинот да го одјави претходното живеалиште. Тој е должен во рок од осум дена да ја пријави адресата каде живее.
Јанкуловска истакна дека предложените измени се прават со цел да им се излезе во пресрет на поголема група на граѓани кои досега не можеа да пријават живеалиште од разни причини и следствено на тоа не можеа да извадат документи. Исто така, се предлага лицата кои се во социјален ризик и се трајно сместени во социјална или здравствена установа, да можат да пријават живеалиште и да извадат документи.
Измените, рече Јакуловска, се иницирани од бројните посети и контакти што ги имавме со граѓаните кои од разни причини не можеа досега да пријават живеалиште.
Пратеничката Роза Топузова – Каревска оцени дека во законот има позитивни решенија како што е она што се однесува за лицата сместени во социјални или здравствени установи и за граѓаните кои живеат во бесправно изградени објекти. Според неа, она што е негативно во законот е тоа што се предлага доколку граѓанинот не може да достави доказ за сопственост или дека живее под закуп, може кон барањето да достави изјава на сопственикот на стан каде живее.
На ова реагираше министерката Јанкуловска, истакнувајќи дека секој одговара за неточна изјава и за податоците што ги дава во неа. Таа нагласи дека досега Министерството за внатрешни работи нема издадено ниту еден документ доколку не се исполнети законските услови.
– Многу граѓани решаваат да живеат заедно по разни основи, односно може да биде договор за доживотна издршка или двајца меѓусебно се договораат да ги делат трошоците за еден стан. Таквите луѓе не можат да добијат живеалиште иако понекогаш со децении живеат заедно. Сега со ваквото решение им се дава можност на сите овие луѓе да го регистрираат своето живеалиште, а секој одговара за неточна изјава и за поадтоците кои ги дава во изјавата, рече Јанкуловска.
Џевад Адеми замоли во името на пратеничката група на ДУИ да се повлече предложеното законско решение, како и измените на Законот за лична карта.
– Граѓаните Албанци овие измени ги доживуваат како штетни и непотребни и бараат од мене и од пратеничката група на ДУИ да направиме се што е во наша моќ тие да не се донесат. Затоа пратеничката група на ДУИ овие измени не ги поддржува и со сите процедурални начини во согласност со Деловникот за работа нема да дозволиме да се донесат, рече Адеми.
На ова реагираше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ кој истакна дека како пратеничка група имаат чувство за тоа, но неприфатлив е пристапот да не се дозволи донесување на закон.
– Треба да се разговара. Веќе на ниво на пратенички групи се обидовме да разговараме за овие два закона, но треба да разговараме со аргументи. Носењето на закони кои тангираат интерес од било која етничка заедница мора да оди со принципот на политички сенс и затоа и дел од овие законски регулативи се носат со Бадентерово мнозинство што е на некој начин гаранција дека нема да бидат нарушени правата на етничките заедници, рече Димовски.
Пратеникот Ејуп Рустеми од ДУИ реагираше на одредбата од законот со која се предвидува поништување на живеалиштето доколку тој престојува надвор од државата подолго од три месеци.
На ова реагираше министерката Јанкуловска која појасни дека законот не ги тангира иселениците кои работат и имаат пријавено дека се во странство и не се предвидува одземање на документи.
– Законот регулира евидентирање на статусот на државјаните и би апелирала да бидеме внимателни бидејќи со овој закон се овозможува на едно огромно мнозинство на граѓани кои имаа реални проблеми во практиката да ги надминат овие проблеми и да ги остварат своите права. Нема потреба да се етнизира било која дискусија или да се поврзува со одредена религиска или етничка група, рече Јанкуловска.
Пратениците ги прифатија во прво читање и дополнувањето на Законот за лична карта со кој се овозможува да се аплицира за издавање на лична карта и во местото каде граѓанинот има пријавено престојувалиште, како и барањето да може да се поднесе и надвор од просториите на МВР, како и на Законот за техничка инспекција со кое се предлага проширување на надлежноста на техничкиот инспекторат, односно тој да постапува и според одредбите од Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, во делот кој што се однесува на санкционирањето на работодавачите кај кои ќе бидат затекнати лица со кои не е заснован работен однос.
Собранието го прифати и дополнувањето на Законот за санитарната и здравствената инспекција во прво читање и заклучија дека треба да се даде на натамошно читање. Целта на измените е правните и физичките лица кои се занимаваат со здравствена дејност, козметичка дејност и другите дејности во надлежност на Државен санитарен и здравствен инспекторат, да се регистрираат и пред да почнат со работа да се пријават здравствените работници.
Во прво читање беа прифатени и измените на Законот за отпад со кои државниот инспектор за животна средина повеќе нема да биде вклучен во постапката за издавање на дозволата за собирање на отпад. Со измените се врши и промена на рокот во кој може да се поднесе жалба против донесените решенија, односно досегашниот рок од 30 дена се заменува со 15 дена, а важноста на дозволата за собирање и транспортирање на опасен отпад ќе биде 10 години.
Седницата ќе продолжи утре во 14 часот со разгледување на неколку барања за автентично толкување на делови од закони
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Граѓаните на БиХ и Македонија од утре ќе патуваат само со лични карти
-
МВР потврди: Лице од битолско виновен за оштетените камења на македонско-грчката граница
-
МВР: Добивме потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Унгарија и дека побарал азил
-
Кривична пријава за загрозување на сигурноста и ширење ксенофобичен материјал на социјални мрежи