| четврток, 6 декември 2018 |

Јанакиески на консултации за вмрежување на земјите од регионот

мреза

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, денеска присуствуваше на заеднички состанок во Брисел со останатите министри од земјите-кандидати за членство во Европската унија од Балканот, каде тема на дискусија беше вмрежувањето на овие земји.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, на состанокот на кој директорот на Директоратот за проширување, Жан-Ерик Паке, ја претставил картата за вмрежување на змејите од Балканот, Македонија е издвоена како земја со најголем развој во патната и железничката инфраструктура во однос на останатите.

– Денеска остварив средба со директорот на Директоратот за проширување, Жан-Ерик Паке. Најважно е дека денеска започнаа консултативни средби за утврдување на главната мрежа во овој дел од Европа и беше остварена средба со сите министри за транспорт во регионот. Ова е првична средба каде официјално ни беше презентирана картата на главните мрежи, односно правци што треба да се изградат до 2030 година. Тоа е во делот на патната, но и на железничката инфраструктура. Ние им го презентиравме развојот и што планира Република Македонија да направи до 2030 година и се очекува до крајот на летото, во Виена, каде ќе присуствуваат и премиерите и министрите од земјите од регионот, оваа мрежа да се финализира – посочи министерот Јанакиески во изјава за МИА по средбата.

Според него, во текот на период што следува, ќе се дискутира и за финансиските средства со кои Европската комисија ќе им помогне на земјите од Западен Балкан за изградба на тие коридори.

– Она што е значајно е дека се истакна дека Македонија е една од земјите со поголем развој, споредено со останатите земји, во изградба пред се на патната, но и на жалезничката инфраструктура. Добро е тоа што немаме многу отворени прашања во однос на утврдување на главните мрежи што минуваат низ Република Македонија и јас најавив дека во текот на идниот месец, ние ќе распишеме повик за јавно-приватно партнерство за делницата од Гостивар до Кичево и затоа е многу значајно оваа патна мрежа, односно делот од Коридорот 8 кон Албанија, да биде дел од главната мрежа, што беше прифатено на овој состанок – посочи Јанакиески.

Како што е посочено од страна на Еврокомисијата на овој состанок, се она што нема да влезе во овој проект “Вмрежување” на земјите од Балканот, дека ќе влезе во проектот “Сеопфатната мрежа”, при што разликата е што ова второто треба да се изгради до 2050 година, додека “Вмрежувањето” треба да се изгради до 2030 година. Исто така, разликата е и во делот на финансирањето, бидејќи “Вмрежувањето” може да се користи средства од една милијарда евра на ЕУ за изградба на регионот, но и од други билатерални и регионални средства, а за “Сеопфатната мрежа”, може да се користат буџетски средства, ИПА-средства или кредитори кои земјата ќе ги најде.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top