| четврток, 6 декември 2018 |

ЕК: Го примивме барањето за испраќање меѓународни набљудувачи за случајот “Пуч”

коцијанчич

Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, денеска во име на неформалната Влада на Европската унија потврди дека официјален Брисел ја примил поканата на македонскиот јавен обвинител за испраќање меѓународни набљудувачи за судскиот случај Пуч, во кој меѓу обвинетите за соработка со странска служба е и лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, гласноговорничката на Комисијата исто така потврди дека политичките групи во Европскиот парламент, до крајот на овој месец, ќе формираат група која ќе има цел да дојде во Македонија и да се обиде да ги помири најголемите политички партии во земјата.
 – Да, можам да потврдам дека добивме „покана” испратена од страна на јавниот обвинител. Но, исто така, можам да кажам дека комесарот Хан истото ова го кажа во Европскиот парламент минатата недела, дека секоја иницијатива преземенa од страна на групите на европските политички партии и индивидуални членови на Европскиот парламент да се помогне да се надмине кризата и ја поздравуваме нивната подготвеност за повеќе да се ангажираат – посочи портпаролката на Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини.
Во овој контекст, според Коцијанчич, „Комисијата разбра дека првиот состанок на работната група од Европарламентот треба да се одржи со претставници на партиите пред крајот на месецот и Комисијата ќе работи во тесна соработка со членовите на Европскиот парламент во овој поглед“.
– Но, говорејќи генерално, политичката обврска останува, сепак, на партиите во Македонија да покажат одговорност и да се вклучат во конструктивен дијалог за надминување на сегашниот ќорсокак и да се фокусираат на стратешките приоритети на земјата и сите нејзини граѓани – децидна е Коцијанчич.
На дополнителното прашање на дописникот на МИА од Брисел, дали ЕК ќе испрати правни експерти за да го набљудуваат судскиот процес за случајот Пуч, портпаролката на Комисија не даде конкретен одговор.
 – Само потврдувам дека примивме писмо, барање од јавниот обвинител, но исто така ја објаснив и позицијата на Европската комисија. Ова е тоа што можам да го кажам за ова прашање – рече Коцијанчич.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top