| четврток, 6 декември 2018 |

Потпишана Програма за културна соработка меѓу Македонија и Албанија

Министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска вчера во рамките на еднодневната работна посета на Република Албанија, оствари билатерална средба со албанската колешка Мирела Кумбаро. На средбата, двете министерки за култура ја потпишаа Програмата за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Република Албанија за периодот 2015–2020 година.

IMG_1572 (1)

Канческа-Милевска и Кумбаро изразија задоволство од односите во областа на културата меѓу двете земји и се согласија дека со потпишувањето на Програмата за културна соработка се отвораат многу нови можности за размена на проекти меѓу институциите.

IMG_1601 (1)

На средбата, на која присуствуваше и државниот сектетар во Министерството за култура Бехиџудин Шехапи, стана збор и за развивање на конкретни заеднички проекти од областа на културното наследство и прекуграничната соработка коишто би можеле да се понудат за финансирање од ИПА-фондови во рамките на актуелната финансиска помош од Европската Унија. Исто така, на средбата беше договорено во наредниот период да биде формирана и заедничка експертска група зареставрација и конципирање на впечатлива етнолошка поставка во Музејот на албанската азбука во Битола, каде што е презентиран значаен сегмент од албанската историја. На средбата, двете министерки за култура се договорија и за поголема поддршка на културните активности на Македонците кои живеат во Република Албанија. Канческа-Милевска на својата албанска колешка и го презентираше и проектот за поддршка на странски издавачи и ја истакна важноста од преведувањето на значајни македонски дела кои би се нашле пред читателската публика во Република Албанија. Министерката за култура ја акценираше и соработката меѓу двете земји во областа на издавачката дејност и потсети дека издавачи од Македонија традиционално се претставуваат на Меѓународниот саем на книгата во Тирана.

IMG_1381

Министерката за култура Канческа-Милевска ја запозна својата албанска колешка и со многубројните инвестиции на Владата на Република Македонија во областа на културата, меѓу кои и проектот за реконструкција на Албанскиот театар во нашата земја, чие целосно завршување се очекува до крајот на годинава. На средбата беше нагласена и добрата соработка меѓу институциите од областа на културата во две земји, особено меѓу Агенцијата за филм на Република Македонија и Националниот филмски центар во Албанија, кои имаат континуирани активности во насока на размена на искуства, знаења и практики кои придонесуваат за развој на филмската дејност. Во наредниот период се планира и продолжување на соработката меѓу двете земји за копродуцирање преку принципот на реципроцитет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top