| четврток, 6 декември 2018 |

Асад бара акција од Џон Кери, а не зборови

Сирискиот претседател Башар ел Асад денеска изјави дека е скептичен кон предлогот на американскиот државен секретар Џон Кери за негово вклучен во преговорите за ставање крај на конфликтот во Сирија.

– И натаму слушаме само изјави. Треба прво да видиме акција, па дури тогаш ќе донесеме одлука, изјави Асад, додавајќи дека тој како сириски претседател за иднината на земјата ќе разговара само со народот на Сирија.

Кери вчера изјави дека САД ќе треба да преговараат со Асад за прекин на конфликтот во Сирија, кој веќе навлезе во петтата година.

– На крајот ние ќе треба да преговараме со него, изјави Кери во интервју за Си-Би-Ес Њуз, во кое не ја повтори досегашната позиција на САД дека Асад „го загубил легитимитетот и дека треба да си земине од власта“.

САД на почетокот на кризата во Сирија се залагаа за смена на Асад од власта преку преговори, но со појавата на џихадистичката група Исламска држава и со зајакнувањето на нејзината позиција на Блискиот Исток, Западот ги омекна ставовите кон сирискиот претседател.

На ваквиот став на Кери, Асад изјави дека секоја суштинска промена во односот на меѓународната заедница кон Дамаск че треба да почне со „запирање на политичката и воената поддршка на терориситте“, термин со кој сириските власти ги ословуваат бунтовниците во земјата.

Во исто време, Франција соопшти дека е против идејата за преговори со Асад. Во реакција на изјавата на Кери, францускиот министер за надворешни работи Лоарн Фабиус изјави дека во преговорите за формирање на влада на национално единство на Сирија треба да учествуваат претставници на опозицијата и на актуелниот режим, но не и самиот Асад.

– За нас е сосема јасно дека Асад не може да биде вклучен во таа рамка, изјави Фабиус.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top