| четврток, 6 декември 2018 |

Туск: Излегувањето на Грција од еврозоната ќе биде катастрофално сценарио

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во интервју за неколку европски весници предупредува дека „излегувањето на Грција од еврозоната ќе биде катастрофално глупаво сценарио, кое треба да се избегне“.

Туск вели дека во европската историја по грешка се случиле многу нешта и дека дури и Првата светска војна „била резултат на недоразбирања, инциденти и идиотски телефонски разговори“.

Туск за германскиот весник „Зидојче цајтунг“, за британскиот „Гардијан“ и за шпанскиот „Паис“, подвлече дека „Грција треба да остане во еврозоната и ЕУ да остане единствена“.

– Останувањето на Грција во монетарната унија не е само финансиско прашање, туку на него треба да се погледне и од геополитички аспект – дополнува претседателот на Европскиот совет.

Во врска со заострувањето на тонот во односите меѓу Атина и Берлин, Туск препорачува воздржаност. Вели оти не верува дека Грците биле малтретирани, но е уверен дека се чувствуваат така. Тој признава дека се чувствува изнервиран од некои коментари на Атина.

– Ги разбирам германските политичари затоа што многупати тие беа главните цели на овие коментари – дополни претседателот на Европскиот совет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top