Официјалниот видеоспот на песната „Autumn Leaves“ со која Даниел Кајмакоски ќе ја претстави Македонија на 60-тиот Избор на песна на Евровизија во Виена денеска напладне беше промовиран пред медиумите.
Се работи за интересно видео, кое го следи текот и ритамот на песнта, љубовна приказна раскажана токму преку цртежите на Кајмакоски.
На средбата со новинарите Даниел рече дека е презадоволен од постигнатото бидејќи песната и видеоспотот се создадени со моменти од неговиот живот.
– Цртежите покажуваат моменти од мојот живот, тој цртеж каде што девојче седи со момчето на клупата е моја приказна – изјави тој.
Кајмакоски рече дека е среќен што нема ни класичен спот, ни класична евровизсика песна и дека неговиот тим се трудел токму тоа и да го постигне.
Новиот аранжман на англиската верзија, со која Даниел и ќе настапи, е дело на Роберт Билбилов. Иако сите очекувале песната да има побрз „евровизиски“ ритам, Билбилов вели дека бил верен на музиката и дозволил тие емоции да го поведат, а не создавањето на нешто кич.
– Аранжманот е направен според Даниел. Го гледав како настапува и кој е неговиот став на сцената и на тој начин можев да создадам нешто што него најдобро ќе му легне. Мислам дека ќе ги добиеме посакуваните реакции. Најдобро е што имаме силна конкуренција и што сите почнаа да излегуваат од евровизискиот калап – вели Билбиблов.
Видеоспотот во јавноста ќе биде претставен денеска во 17 часот во Дневникот 1 на МТВ, каде што ќе гостуваат и Кајмакоски и Билбилов.
Фото: Игор Ангелковски „Република“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.