| четврток, 6 декември 2018 |

Нови градби за разубавување на Скопје

Покрај фасадите на објектите планирани со проектот „Скопје 2014“, во главниот град ќе никнат и други објекти со малку поинаков „футуристички“ дизајн, пишува Скопјеинфо.

zgradi1

Драмски театар Скопје

Новата зграда на Драмскиот театар ќе има стаклена фасада со современ изглед. Објектот ќе биде висок 30 метри, ќе има вкупно шест ката и во својата програма има планирано подземно паркирање.

 

zgradi2

Телекомуникациска кула на Водно

Во близина на Милениумскиот крст на Водно, планирана е изградба на телекомуникациска кула каде што ќе бидат сместени предавателите на македонските оператори и антенскиот систем за контрола и мониторинг на радиофреквенциите. Во склоп на објектот се предвидува ротирачки ресторан кој ќе овозможи панорама над градот. Кулата ќе биде со висина од 155 метри.

 

zgradi3

Универзална сала

Новиот изглед на Универзална сала ќе има современ дизајн во јајцевидна форма. Новиот објект ќе има речиси двојно поголем капацитет од претходно и истовремено таа се планира да биде мултифункционална сала: голема сала со капацитет од 2.500 до 3.000 седишта и мала сала од 200 до 300 седишта.

 

zgradi4

Македонска филхармонија

Програмата на Македонската филхармонија опфаќа мала концертна сала со капацитет до 400 посетители и голема сала со капацитет од 1.050 до 1.100 посетители. Дополнително се предвидени простории за вежбање на музичарите.

 

zgradi5

Основно училиште во населба Капиштец

Идејниот проект за новото основно училиште во Капиштец е во својата почетна фаза на реализација. Избрано е идејното решение врз чија основа треба да се изготви основен проект, а во меѓувреме е распишан тендер за избор на фирма која ќе ги извршува градежните работи.

 

zgradi6

Турски театар

Проектот за Турскиот театар е добитник на повеќе домашни и меѓународни награди. Со изградбата на театарот се овозможуваат современи услови за работа во самостоен објект, кој претходно ја делеше истата зграда со Албанскиот театар.

 

zgradi7

Театар Центар

Овој проект се однесува на театар „Центар“ или денешен театар „Комедија“. Проектанти на овој објект се архитектите Митко Хаџи Пуља и Минас Бакалчев, во соработка со Никола Стрезовски, Саша Тасиќ, Бетим Зеќири и Бесијан Мехмети. Објектот е во приватна сопственост и во негов склоп се превидува површина која ќе биде во сопственост на инвеститорот. Инвестицијата на овој проект изнесува околу 250 милиони денари.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top