Судот в петок по трет пат ќе ја соопшти пресудата за случајот „Тајвански кредити“, во кој му се суди на поранешниот лидер на партијата Демократска алтернатива и поранешен директор на Агенцијата за обнова и развој, Васил Тупурковски и тогашниот заменик на Агенцијата, Јован Андонов-Реган.
Во средата стартуваше повторениот судски процес, но обвинетите останаа на дадените искази, нема да предлагаат нови докази и остануваат на завршните зборови, па судијката за в петок го закажа соопштувањето на пресудата.
Тупурковски вели дека никогаш не се докажала неговата вина иако процесот трае долго.
– Денеска завршивме и со третото судење, седум години трае овој процес, но во ниеден ден од тие седум години не се докажа дека сум прекршил закон, право, дека сум злоупотребил. Сметам дека тоа е еден природен пат на зреење на нашиот правен систем, некој мора да ја плати таа цена. Јас го прифаќам тоа и го разбирам филозофски – изјави Тупурковски.
Двајцата обвинети се товарат за злоупотреба на службената положба и дека со одобрување на средства од тајвански кредити ја оштетиле државата за 172. 304.092 денари.
Апелациониот суд најпрвин ја укина пресудата на Основниот суд Скопје 1 со која Тупурковски беше осуден на три години затвор и надомест на штета, а неговиот заменик на две години затвор.
Откако предметот беше вратен на повторно судење, обвинетите добија ослободителна пресуда, па Обвинителството поднесе жалба на оваа пресуда.
Апелациониот суд на второто одлучување, повторно го врати случајот во Основниот суд Скопје 1, со образложение дека пресудата била нејасна и неразбирлива.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.