| четврток, 6 декември 2018 |

Атина и ЕУ – долгови, закани, отшета…

И додека на Грција полека и истекува времето за решавање на финансиската криза, од Атина наместо подготвеност за компромис, стигнуваат закани и предупредувања, што меѓу европските партнери предизвикува нелагодност и покренува сомневање дека грчката влада со тоа се обидува да ја подобри својата преговарачка позиција.

Трпението на европските финансиски, но и политички кругови е при крај, оценува европскиот печат, имајќи ги предвид најновите закани на грчката влада, од тоа дека ќе ги пратат екстремистите во Европа, ќе распишат референдум, ќе бараат воена отштета од Германија, па до најави за евентуална заплена на германскиот имот во таа земја. – Атина во уцените и заканите кои си ги дозволи последните денови, го прокоцка и својот последен кредит – наведе Штутгартер нахрихтен.

На остра осуда од европските лидери наиде заканата на грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, дека ќе ослободи бран милиони економски емигранти и џихадисти и ќе ги прати во Европа, ако еврозоната не ги повлече наметнатите барања за штедење на Атина.

– Ако тие зададат удар на Грција, тогаш треба да знаат дека мигрантите ќе добијат документи да одат во Берлин. Ако Европа не остави во криза, ние ќе ја преплавиме со мигранти и тоа ќе биде уште полошо за Берлин, ако во тој бран од милиони економски мигранти има и џихадисти од Исламската држава – рече министерот. – Од зборовите на Камен избива циничен презир, кон другите членки на еврозоната и пред се кон Германија, но и кон бегалците кои се деградирани на ниво на робови, со кои се тргува – пишува Бадише цајтунг.

Потоа левичарската грчка влада повторни дека Германија во полн износ не ја обештетила Грција за бруталната окупација во Втората светска војна и тоа прашање го поврза со својот актуелен долг кон странските доверители, пренесе АП. Грчкиот премиер Алексис Ципрас рече дека договорот за репарација со Германија од 1960 година не ги покрил основните барања на Грција, вклучувајќи го надоместот за уништената инфраструктура, воените злосторства и враќањето на принудниот кредит кој нацистите го земале од окупираната Грција, а никогаш не го вратиле.

Германија неколку пати соопшти дека на Грција нема да даде никакво дополнително обештетување, наведувајќи дека тоа прашање е решено со постоечките договори. Ципрас во парламентот рече дека Грција ќе ги почитува сите обврски кон кредиторите, вклучувајќи ја и Германија, но дека нема да се откаже од своите неотповикливи барања за репарациите од Втората светска војна.

Тој ја обвини Германија дека користејќи се со правни трикови избегнала да плати отштета за германската окупација на Грција.

– И јас се прашувам, имајќи предвид дека на европско ниво овие денови многу се зборува за моралот: дали тоа е морално? – порача Ципрас.

Според студијата која овие денови ја пренесоа грчките медиуми, сумата која Грција ја бара на име на полна воена отштета од Германија се движи од 269 и 332 милијарди евра. Со тие пари, можат да ги отплатат сите грчки долгови.

По оваа изјава следеше нов шок за Берлин. Министерот за правда Никос Параскевопулос рече дека владата разгледува можност за заплена на германскиот имот во Грција и дека на тој начин можат да бидат обештетени жртвите на нацистичкиот масакр во едно грчко село.

Грција овој месец мора да најде околу шест милијарди евра за отплата на ратата на долгот, а владата во Атина има рок до април да достави предлог за реформите на кредиторите за да добие зелено светло за својот план за четири годишно економско зајакнување.

Меѓутоа, до постигнување на тој договор, официјална Атина останува без пристап на средства кои преостанаа во рамки на пакетот за помош од ЕУ и ММФ, во вредност од 240 милијарди евра.

– Грција има се помалку време, пари и пријатели – констатира Блумберг.

 

Танјуг – Белград

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top