Турската полиција во Истанбул уапси тројца британски тинејџери, кои имале намера да заминат за Сирија за да и се приклучат на џихадистичката група Исламска држава, по што тие денеска се екстрадирани во Велика Британија.
Синоќа уапсените тинејџери, на возраст од 17 до 19 години, потекнуваат од источен Лондон, но турската полиција не ги соопшти нивните имиња.
Би-Би-Си јави дека веднаш по депортацијата во Лондон, британската полиција рано изутринава ги привела тројцата тинејџери. Родителите на двајца уште во петокот пријавиле во полиција дека тие исчезнале. Скотланд јард соопшти дека постоело сомнение оти тие заедно со трето лице заминале за Сирија преку Турција, по што британската полиција за тоа ги информирала турските власти.
Три британски тинејџерки со муслиманска вероисповест на возраст од 15 и 16 години минатиот месец со авион на „Туркиш Ерлајнс“ од Лондон отпатуваа за Истанбул. Три дена подоцна британската полиција соопшти дека трите тинејџерки најверојатно отпатувале во Сирија за да и се приклучат на ИД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.