| четврток, 6 декември 2018 |

Организациите за човекови права бараат враќање на сите македонски топоними

Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) и Австралиско-македонскиот комитет за човекови права (АМКЧП) бараат враќање на сите македонски имиња во регионите на Мала Преспа и Голо Брдо во Албанија

PustecАлбанскиот парламент го врати оригиналното македонско име на селото Пустец, кое во 1973 година го смени во албански името „Лиќенас“, во обид да го потисне македонскиот идентитет во регионот, стои во соопштението на двете организации. Тие бараат Албанија веднаш да стави крај на прогонот врз своето големо македонско малцинство и да овозможи Македонците да имаат настава на македонски јазик во сите степени на образование и во целата земја, а не само во „малцинските региони“.

Организациите за човекови права се надоврзуваат и за состојбите во Бугарија и во Грција. „Иронијата да биде поголема, Грција и Бугарија, кои се членки на Европската унија, продолжуваат со целосно негирање и бесрамно прогонување на своите македонски малцинства. Сто години по судбоносната поделба на Македонија во 1913 година, Бугарија и Грција сѐ уште се обидуваат да го искоренат македонскиот идентитет, без страв од реперкусии од Европската унија. Грција, на пример, насилно ги менуваше имињата на целиот македонски народ и топоними во Грција во 20-тите години од минатиот век, и секој обид за враќање на личните имиња на Македонците е спречен од страна на грчката влада“.

ММДЧП и АМКЧП бараат од ЕУ да извршат притисок врз своите земји-членки да ги почитуваат човековите права, во согласност со обврските од меѓународното право. Исто така, како што употребата на двојни имиња во другите земји од ЕУ стана вообичаена појава, ММДЧП и АМКЧП бараат од ЕУ да го промовира и овозможи користењето на оригинални македонски имиња на села и други топоними во Бугарија и во Грција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top