Македонија и Турција имаат интензивна соработка на сите полиња од заеднички интерес, потврдена и преку чести средби на високо ниво, а економските релации бележат нагорен тренд и можности за натамошно унапредување, констатирале министерот за надворешни работи Никола Попоски и неговиот турски колега и домаќин, Мевлут Чавушоглу, на средбата во Анкара, во рамки на официјалната посета на Турција.
Како што соопшти МНР, средбата беше искористена и за размена на мислења од аспект на регионалната и меѓународната соработка. Потенцирајќи ја успешната соработка во рамките на регионалните иницијативи и на меѓународно ниво, министерот Попоски се заблагодари за постојаната и гласна поддршка на Република Турција за членство на Република Македонија во НАТО.
– Министрите се осврнаа на заедничките приоритети на двете земји за членство во Европската унија, и во тој контекст министерот Попоски ја нагласи македонската определба за развивање добрососедски односи во согласност со европските и евроатлански вредности и стандарди – се вели во соопштението.
Двајцата министри се согласија за постоењето одлична соработка и во други области, како образованието, одбраната, културата. Воедно беа разменети мислења за можностите за унаредување на соработката во областа на енергетиката и можностите за енергетско поврзување.
По пленарните разговори на делегациите, двајцата министри потпишаа Меморандум за разбирање и соработка меѓу Институтот за геостратешки истражувања на МНР на Република Македонија и Центарот за стратешки истражувања на турското МНР.
За време на посетата на Турција на покана од Чавушоглу, министерот Попоски беше примен од претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган. Исто така, Попоски оствари средби и со Парламентарната група на Големото народно собрание на Република Турција за соработка со Собранието на Република Македонија.
Во рамки на официјалната посета, министерот Попоски ќе има обраќање во Дирекцијата на Турците во странство, по повод „Вечерта на македонско-турско пријателство“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.