Шведските обвинители побараа од основачот на Викиликс, Џулијан Асанж да дозволи да биде сослушан во Лондон, каде претстојува во Амбасадата на Еквадор.
Обвинителите бараат и да се направат ДНК анализа.
Шведскиот адвокат на Асанж изјави дека го поздравува таквото барање неговиот клиент да биде испитан во Амбасадата на Еквадор во Лондон, додавајќи оти процесот може да потрае.
Шведските правосудни власти досега бараа сослушувањето на Асанж, да се изврши во Стокхолм. Тој е осомничен за силување и сексуален напад врз две млади Швеѓанки за време на една неговата посета на Шведска пред пет години.
Шведското обвинителство во 2010 година покрена европска потерница за Асанж, откако тој одби да се појави пред стокхолскиот Суд за сослушување. Врз основа на таа потерница, тој беше уапсен во Лондон, каде овој поранешен австралиски хакер постојан престојуваше, по што беше покрената постапката за неговата екстрадиција во Шведска.
Со кауција од 250 илјади фунти, што ја обезбедија неговите британски пријатели и подржувачи, Асанж беше пуштен од затвор и му беше дозволено да се брани од слобода, додека траеше постапката околу екстрадицијата, но беше должен постојано да престојува на адресата што му ја определи Судот.
Во 2012 година, Врховниот суд на Велика Британија ја потврди одлуката на основниот лондонски суд, Асанж да им биде предаден на шведксите власти, но додека траеше постапката, тој побегна од адресата на која дотогаш престојуваше и се сокри во зградата на Амбасадата на Еквадор во Лондон.
Асанж повеќе од 2,5 години живее во еквадорската дипломатска мисија, не смеејќи да излезе од зградата, затоа што ќе биде веднаш уапсен и депортиран во Стокхолм.
Во меѓувреме, властите во Кито му доделија на Асанж и азил и почнаа да вршат притисок врз Лондон да му дозволат да премине преку британската територија до некој лондонски аеродром, за да замине за Еквадор.
Тој и неговите адвокати ги отфрлаат обвинувата на шведското обвинителство и тврдат дека тие се „измислени“ и „политички мотивирани“ само со цел преку Шведска да биде префрлен во САД, каде би му се судело за неовластеното објавување на доверливите воени и дипломатски материјали на страниците на Викиликс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.