| четврток, 6 декември 2018 |

Ќерката на Немцов: Путин е одговорен за убиството на татко ми

Ќерката на убиениот руски опозициски лидер, Борис Немцов, Жана Немцова изјави дека претседателот на Русија, Владимир Путин е политички одговорен за смртта на нејзиниот татко.

– Тој беше најистакнат критичар на Путин. По неговата смрт опозицијата е обезглавена и сите се застрашени. Веќе немаме ниедна толку моќна личност, со толку искуство и стручност да и се спротивстави на власта – оценува 30-годишната Немцова, берзански аналитичар и презентерка на една телевизија во Москва за британската телевизија „Би-Би-Си“.

Истражните органи не стапиле во контакт со неa за евентуално да помогне во расветлувањето на случајот, бидејќи според неa, властите не сакат да го расветлат случајот и не ги интересира независна истрага.

На прашањето дали го обвинува Путин за смртта на татко и, таа одговорила – политички да.

Немцов, поранешен заменик премиер и искусен либерален политичар, беше убиен на 27-ми февруари на мостот во близина на Кремљ додека се шетал со својата девојка. Путин го осуди убиството и вети дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

За убиството приведени се пет лица од Чеченија, меѓу кои и поранешниот чеченски полицаец Заур Дадаев кој заедно со Анзор Губашев се обвинети за убиство, додека останатите тројца сé уште чекаат обвинение.

Судот во Москва во неделата соопшти дека Дадаев признал дека е вмешан во пукањето на мостот. Меѓутоа, членот на рускиот Совет за граѓанско општество и човекови права, Андреј Бабушкин изјави во средата дека Дадајев најверојатно признал под тортура и додал дека за време на посетата во затворот на неговото тело забележал многу повреди.

Бабушкин изјави дека на зглобовите на Дадаев биле видливи траги од врзување и дека и обвинетиот му кажал дека го мачеле со струја. Руската Истражна комисија наведе дека Бабушкин и новинарката Ева Меркачева имале дозвола да ги посетат затворениците но со својата истрага ги пречекориле границите и го прекршиле законот, па ќе бидат испитани.

Обвинителството сé уште го нема соопштено мотивот за убиството на Немцов.

Опозицискиот лидер минатата година ги предупреди руските власти дека примал смртни закани преку Facebook поради своите ставови за судирот во Украина, но полицијата ги отфрли неговите предупредувања.

Немцов, наводно, подготвувал извештај во којшто планирал да го обелодени руското учество во овој судир. Во Русија имаше шпекулации и дека Немцов бил убиен бидејќи јавно ги бранел објавените карикатури на пророкот Мухамед во францускиот сатиричен весник, којшто во јануари беше цел на терористички напад.

Блиските соработници на убиениот опозициски лидер, меѓутоа, истакнуваат дека Немцов не бил гласен критичар на радикалниот ислам, туку дека бил насочен кон критиките на сметка на Путин.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини се заложи за потполна и транспарентна истрага за убиството, а се очекува Европскиот парламент во четврток да ја усвои резолуцијата со којашто го осудува убиството и состојбата со демократијата во Русија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top