Со мнозинство гласови Европскиот парламент денеска ја усвои резолуцијата за напредокот на Македонија, предложена од словенечкиот европратеник Иво Вајгл, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Европскиот парламент по деветти последователен пат, го повика Советот на Европската Унија да утврди датум за почеток на преговори со Република Македонија, со цел да не го скрши еланот, да ги забрза реформите поврзани со европските придобивки и да го зацврсти процесот на демократизација.
Европратениците со големо мнозинство потсетија дека разликите околу името не треба да бидат пречка за отворање на преговори, според европратениците, тоа е билатерално прашање и не треба да биде пречка за почеток на преговорите иако треба да се реши пред процесот на зачленување.
Имено, вчерашната расправа за прашањето околу името на Македонија, повторно ја стави во сенка суштинската расправа за напредокот на земјата. Грчките европратеници не ја криеја иритираноста од користењето на името Македонија, од страна на известувачот Иво Вајгл, како и од другите и посебно хрватските европратеници. Сите грчки европратеници без разлика на нивната политичка припадност, се обидоа да им докажат на нивните европски колеги дека проблемот со името е меѓународен, а не билатералн проблем.
ЕП смета дека е потребно да се има конструктивен пристап за проблемите со соседните земји во однос на билатералните прашања.
Европратениците ги отфрлија сите предложени амандмани од Зелените и од Обединетата левица, поточно тие на Обединетата левица беа од редовите на Сириза, освен амандманот на Иво Вајгл, кој се однесува на усогласувањето на македонското законодавство со тоа на ЕУ, како и подбрувањето на правосудниот систем.
Од резолуцијата беше избришан делот кој се однесуваше на тоа историјата да се толкува според фактите, и да се изработат педагошки помагала ослободени од идеологијата и говорот на омраза кон сосседните земји кои датираат од комунистичката ера.
Но, затоа пак остана делот со кој се охрабрува преземеањето мерки за историско помирување за да се надминат разликите меѓу различните национални етнички групи, „меѓу кои и граѓаните со бугарски идентитет“.
Како и што можеше да се очекува, во резолуцијата влегоа и последните случувања на политичката сцена во Македонија, аферата „Пуч“, прислушувањата, а европратениците, како и претставниците на Советот и Комисијата зборуваа за „сериозна и драматична политичка криза.“
ЕП е загрижен за поларизираната домашна клима и смета дека е во надлежност како на Владата, така и на опозицијата да се грижат за трајна политичка соработка.
Влада да ја почитува улогата на Парламентот, да обезбеди доволен обем и време за консултации (пред се’ за уставните измени) и да овозможи целосна, независна парламентарна контрола.
– Компромисите се од фундаментално значење за функционирање на демократијата. Постизборниот бојкот е проблем кој треба да се реши во духот на споделена одговорност меѓу Владата и опозицијата“, стои во резолуцијата, со барање на крај шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини да посредува во договорот меѓу партиите.
ЕП е „сериозно загрижен поради влошувањето на односите меѓу Владата и опозицијата, особено во поглед на неодамнешната најава на обвиненијата против лидерот на опозицијата од страна на премиерот и, исто така, спротивставените обвинувања за кривични дела“.
„ЕП осудува каков било незаконски надзор и повикува сите наводи да бидат објавени, како и да се спроведе независна истрага за сите обвинувања за незаконско набљудување, со целосно почитување на принципите на транспарентност, непристрасност и презумпцијата на невиност“, стои во резолуцијата. Ова е најава за засилено влегување на ЕУ како посредник во решавањето на македонската политичка криза, иако нивото на кое ќе се спроведе тоа се’ уште се утврдува.
Пофалбите доаѓаат за екононската политика и резултати на земјата и позитивната еволуција во борбата ртоив корупцијата.
Во резолуцијата се истакнува исто така и загриженост за загрозеноста на слободата на медиумите, за широко употребуваната самоцензура и практиката на политичка клевета во медиумите, како и нивната зависност од државниот буџет.
Околу предложениот пакет измени на Уставот, ЕП мисли дека некои од предлозите може да се подобрат во согласност со препораките на Венециската комисија, при што се бара почитување на Европската конвенција за човекови права и земање предвид на законодавството на Унијата.
Во синоќешната расправа, комесарот за проширување Јоханес Хан од своја страна пред ЕП, исто како и Занда Kалнина – Лукашевица во името на претседателството со ЕУ, инсистираа на потребата од конструктивен инклузивен политички дијалог, барајќи и од владата и од опозицијата да покажат политичка одговорност и да влезат во политички дијалог за да ги решат отворените прашања и за да ги оставарат потребните реформи за евроинтеграцијата.
„Ние сметаме на поддршката на Европскиот парламент за да им упатиме повик на сите лидери од Македонија за да преземат мерки и акции за да се решат проблемите. Кога станува збор за актуелната ситуација, ЕУ изрази извесна загриженост, тоа се обвинувања кои треба да бидат предмет на независна истрага. Претставникот на Советот на Комисијата беа јасни по ова прашање. Во однос на датумот за преговори претседателството на Советот беше јасно. Советот ќе се наврати на ова прашње подоцна врз основа на информацијата на Комисијата за спроведувањето на реформите, во кои се подразбира и дијалогот на високо ниво и промовирање на доброседскоите односи и преговорите за взаемно прифатливо решение за името. На ПЈРМ и треба поддршка од ЕУ, но таа доаѓа под улов, условена со подговеноста и волјата која самата треба да ја изрази“, нагласи Занда Kалнина-Лукашевица во името на претседателството со ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Нова демократија: Нови разговори со Скопје, ако Сириза не успее да го ратификува договорот
-
Европратениците не се обврзани на транспарентност за додатоците
-
Столтенберг му ја врачи поканата за почеток на преговорите за НАТО на Заев
-
Ристо Никовски: Почнуваме де факто ужас без крај, ова не е крај на проблемите