| четврток, 6 декември 2018 |

Јовановиќ: Децата без родители никогаш не биле вклучени во изборни нерегуларности

дом

Во мое лично име и во името на здружението „Градиме иднина“ изразувам згрозеност од обидот за вовлекување на децата без родители и родителска грижа во дневно политичка пресметка и од нив да се градат било какви политички поени. Одговорно тврдам дека како здружение кое е секојдневно со децата без родители оти тие никогаш не биле вклучени во било какви нерегуларни изборни процеси, како што беше прикажано од страна на СДСМ.

Ова денеска го истакна претседателот на здружението Илија Јовановиќ, кој ги осуди ваквите, како што вели, валкани игри на СДСМ.

– Тие сакаат да ги градат поените врз судбините на овие деца и тоа е за секој осуда. Таа манипулација е нечовечна, неморална и неетичка. Децата без родители се луѓе со чест и чист образ, не ја валкајте нивната чест. Здружението „Градиме иднина“ и јас како негов претседател, како досега, така и во иднина ќе се бориме за правата на децата без родители – истакна Јовановиќ.

Тој додаде дека бил шокиран кога слушнал дека СДСМ посочува оти децата без родители наводно биле злоупотребувани за политички цели, потенцирајќи дека врз него немало никакви притисоци за било какви списоци.

– Вчера откако ја слушнав изјавата од „бомбите“ на Заев прво бев многу шокиран што се слушна моето име. Не знам од каде имаат право да го користат моето име без моја согласност во јавноста и да го злоупотребуваат, како и институцијата Детски дом „11 Октомври“ бидејќи и јас самиот престојував таму и бев штитеник. Досега во изминатите 13 години колку што работам во оваа организација немало никакви злоупотреби, односно младинките и младинците политички да ги мотивираат да гласаат за некоја политичка партија. Од моја страна никакви списоци не биле барани – рече претседателот на здружението.

Тој додаде дека сегашната власт на чело со премиерот Никола Груевски има слух и разбирање за животот и судбината на децата без родители.

– Откога дојде Владата на Никола Груевски, од 2006 до 2015 година, е премногу направено за децата без родители. Прво, Законот за вработување што изминатите години го баравме и од другите влади, но тие не го прифатија. Сегашната Влада со помош на Никола Груевски го донесе Законот за вработување, децата без родители да бидат ослободени од партиципација во износ од 24.000 денари, со зголемување да добиваат еднократна парична помош на месечно и на годишно ниво, секое дете и младинец кој го напушта Домот да добива нов социјален стан, кој ќе биде опремен од страна на Владата. Во изминатите години никогаш немало вработување на овие деца, станови, запишување на факултет, како и бесплатно запишување за вонредно средно образование – рече Јовановиќ.

Тој истакна дека до 1998 година кога престојувал во домовите за деца без родители, штитениците го напуштале домот со 20.000 денари, без решено станбено прашање и можност за вработување.

– Сегашната Влада има премногу направено децата без родители да имаат бесплатно образование и да добиваат финансиска помош во рок од четири години додека учат факултет, магистратура или докторат. Изминатите влади не ги прифатија нашите барања и проекти младите да се обучуваат за добивање возачка дозвола, да посетуваат часови по компјутери, а сега во домовите има можност за изучување на англиски јазик и комјутери – нагласи Јовановиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top