| четврток, 6 декември 2018 |

По нападот во метрото во Лондон: Идентификуван осомничениот со помош на безбедносни камери

Британската безбедносна служба го идентификуваше денеска осомничениот за нападот во лондонското метро со помош на снимки од безбедносните камери, објави телевизијата „Скај Њуз“.

– Извори во безбедносните служби наведуваат дека го идентификувале осомничениот со помош на безбедносни снимки, пренесува британската телевизија.

Претходно британската премиерка Тереза Меј изјави дека „поставената експлозивна направа во подземната железница на лондонската мрежа „Тјуб“била наменета да предизвика огромна штета“

Таа по итниот состанок на одборот за вонредни ситуации КОБРА истакна дека инцидентот претставува „кукавички терористички напад“, во кој се повредени 22 лица, јавува ДПА.

– Ќе има зајакнато полициско присуство во возовите на лондонското метро, најави Меј, додавајќи дека терористичката закана за Британија останува и понатаму „многу голема“.

Рачно изработена бомба утрово во 8.20 часот експлодира во последниот вагон од возот на подземната железница, на станицата „Парсонс грин“, поставена во кофа, каква што обично користат градежните работници, а во која имало бела брендирана кеса. Во нападот се повредени 22 лица, но ниту едно од нив не е во критична состојба.

Очевидци тврдат дека дел од патниците се здобиле со изгореници на лицето и рацете, како и дека на некои „им отпаднала косата“.

На фотографијата која се споделува на социјалните мрежи, се гледа дека од кофата излегуваат и жици. Телевизијата „Скај“, повикувајќи се на неименувани извори, информираше дека експлозивот не бил активиран во целост.

Дел од очевидците тврдат дека прво слушнале истрел или некаков силен удар, а потоа почнал да се шири непознат гас. Други очевидци велат дека слушнале некаков тивок, придушен но константен звук, по што се појавил оган. Потоа огнот продолжил да се движи кон патниците, кои почнале во стампедо да бегаат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top