| четврток, 6 декември 2018 |

Румјана Бачварова, нов министер за внатрешни работи на Бугарија

румјана

Бугарскиот Парламент денеска со 139 гласови „за“ и 68 „против“ ја избра вице-премиерката Румјана Бачварова за нов министер за внатрешни работи на Бугарија.

За изборот на Бачварова се изјаснија пратениците на Граѓани за европски равој на Бугарија (ГЕРБ) на премиерот Бојко Борисов, на Реформаторскиот блок (РБ), на Патриотскиот фронт (ПФ), на Бугарскиот демократски центар (БДЦ) и на Алтернативата за бугарска преродба (АБВ).

Пратениците на Бугарската социјалистичка партија (БСП) и нејзините коалициски партнери и на Движењето за права и слободи (ДПС) гласаа против, додека народните избраници од националистичката партија Атака не учествуваа во гласањето.

Пред изборот на Бачварова, Парламентот официјано го разреши од должноста досегашниот министер за внатрешни работи Веселин Вучков, кој минатата среда поднесе оставка на функцијата.

Следниот ден по оставката на Вучков, бугарскиот премиер Борисов ја предложи Бачварова за нов министер за внатрешни работи, нагласувајќи дека таа ќе обезбеди „смирување на состојбите во Министерството и ќе ја задоволи граѓанската квота“.

Борисов тогаш изјави дека „по само пет секунди“ решил да ја прифати оставката што Вучков ја поднесе на седница на Владата, додавајќи дека таа е дадена во „крајно несоодветен момент“ и била изненадувачка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top