| четврток, 6 декември 2018 |

Бесими: Политичко и правно решение со поддршка на меѓународниот фактор

бесими

Ситуацијата е комплексна и сложена, доволно е ако ги слушаме пораките од нашите партнери од Брисел и Вашингтон. Она што е важно е и во комплексни ситуации да останеме сериозни и цврсто определени за нашата цел – евроатлантската перспектива, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими.

За разрешување на состојбата е потребен тридимензионален пристап – политички, правен и со поддршка на меѓународниот фактор, а Македонија за успешно да излезе од оваа состојба треба да покаже јасна определба дека останува на европскиот пат со сите вредности и стандарди, смета Бесими.

Според него, истото важи и за извештајот од Брисел и најавата на високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Фредерика Могерини за зголемен ангажман на ЕУ во ситуацијата во Македонија. Како точно Брисел би помогнал, во моментот не е дефинирано. Но, додава, со оглед на посетата на Хан и на изјавите за поддршка во оваа ситуација, подвлече, ние треба да се држиме на нашиот правец, а тоа се европските интеграции и Македонија да даде потврда дека е навистина заинтересирана за ЕУ и работи на инсталирање на вредностите што ЕУ ги очекува.

Инаку, СЕП како координатор на процесот за евроинтеграции денеска ја организира првата дебата од циклусот „ЕУ разговори“. Дебатата е насловена „ЕУ останува наш приоритет“, а учествуваат претставници на граѓанскиот сектор и академската заедница.

– Со оглед на сите случувања сметаме дека оваа тема е добра за започнување на циклусот на дебати затоа што ЕУ е приоритет што го очекуваат граѓаните, рече Бесими.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top