| четврток, 6 декември 2018 |

Стомачен вирус коси низ земјава – препораки за превенција

По зачестените случаи на дијареја и гастроентеритис предизвикани од стомачни вируси од почетокот на годинава, Министерството за здравство излезе со препораки за заштита и превенција.

– За заштита и превенција од ова заболување се препорачува избегнување контакт со заболен, одржување лична хигиена, редовно миење раце, темелно миење на овошјето и на зеленчукот пред консумирање, чистење и дезинфекција на површини, а особено на детските играчки – се вели во препораките што денеска ги објави Министерството за здравство.

Поради можноста за индиректен начин на пренос, од Министерството истакнуваат дека е потребно да се избегнува допирање на очи, нос и уста со неизмиени раце. Имајќи предвид дека вирусот почесто се појавува кај малите деца, посебно внимание треба да се обрне на одржување лична хигиена и развивање хигиенски навики кај децата. Исто така, особено е важно редовно миење раце на децата за време на престојот во градинка и училиште.

Стомачен вирус е заболување предизвикано од различни типови ентеровируси. Ова заболување најчесто се појавува кај помладата популација, во текот на целата година, а особено на почетокот на пролетта и летото.

Според податоците од системот „Мој термин“, од почетокот на годинава за дијагнозата дијареја и гастроентеритис се креирани вкупно 3.775 упати и 3.456 рецепти, додека за истата дијагноза во текот на изминатата година се креирани вкупно 15.689 упати и 25.978 рецепти.

Најголем дел од заразените (над 90 проценти) не развиваат никакви симптоми, а кај останатите може да се појави покачена температура, симптоми на настинка, симптоми на гадење, повраќање, дијареја. Во многу ретки случаи стомачните вируси може да предизвикаат и компликации, особено кај лицата со намален имунитет, како што се мозочни и срцеви заболувања, воспаление на бели дробови…

Стомачниот вирус најчесто се шири при контакт со заболено лице, или индиректно преку загадена вода, храна, предмети (детски играчки, прибор за јадење…).

Лекувањето на стомачниот вирус кај полесните случаи опфаќа симптоматска терапија и консумирање повеќе течности и витамини за да се спречи дехидрирање, додека кај поизразената клиничка слика потребна е дополнителна терапија по препорака на лекар.

Со цел информирање на пошироката јавност за превенција од различни заболувања, соопштенијата на Министерството за здравство отсега ќе бидат споделувани на новата страница на „Фејсбук“ – Инфоздравје, која е официјална страница на Министерството за здравство, наменета за споделување вести, информации од областа на здравството и совети за превенција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top