| четврток, 6 декември 2018 |

Во Турција откриена слика која му се припишува на Ван Гог

Интернет пост за препродажба на уметничко дело ја одведе турската полиција до слика за којашто се претпоставува дека е дело на славниот холандски уметник Винсент Ван Гог.

Како што пишува турскиот весник Milliyet, на полицајците им станала сомнителна понудата за продажба на слика на Ван Гог. Преправајќи се дека се купувачи, полицајците успеале да стапат во контакт со лицето коешто ја објавило понудата, закажале средба во покраината Токат во северна Турција, на којашто продавачот бил приведен а сликата со димензии 44х64 см е одземена.

На задната страна од платното насликано во маслена техника откриени се натписите „Винсент Ван Гог, Хааг, 1882“, „музеј Далема“, „Засолнат човек, стои“. Платното е предадено во универзитетот Газиосманпаша во Токат. Прелиминарните испитувања од експертизата покажуваат дека голема е веројатноста дека станува збор за дело на Ван Гог.

Засега не се откриваат други информации за тоа како сликата дошла во Турција, ниту за лицето кое ја поседувало. Скица од ова слика направена со графит, се наоѓа во Музејот на Ван Гог во Амстердам.

Најскапото дело насликано од Ван Гог е платното „Портретот на доктор Гаше“, кое во мај 1990 година беше продадено на наддавање во аукциската куќа Christie’s за 82,5 милиони американски долари.

Ван Гог е роден на 30-ти март 1853 година во провинцијата Северен Брабант во јужна Холандија. Со уметноста започнал да се занимава во 1880-те кога ги посетувал академиите за уметност во Брисел и во Антверпен, запознавајќи се со сликарот Антон Мауве во Хааг. Најплоден период од творештвото на Ван Гог биле последните години од неговиот живот, кога истовремено напорното творење и големите количества алкохол предизвикале кај него ментални заболувања.

Официјалната верзија за неговата смрт е искрварување по обидот за самоубиство во 1890 година, кога се застрелал со пиштол во градите а потоа самиот успеал да дојде до болница, каде починал по 29 часа. Според неговиот брат Тео кој бил крај неговата смртна постела, последните зборови на уметникот биле „La tristesse durera toujours“ (Тагата ќе трае вечно).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top