Константинос Братос, најверојатно, ќе го замени директорот на Стопанска банка во заминување Глигор Бишев. Братос, објавува „Фактор“, е човек кој веќе е дел од раководството на банката. Извори од банкарските кругови велат дека гркот Братос е фаворит во номинацијата за моќната директорска позиција иако е можно и некое изненадување во последен момент. Според достапните податоци за менаџментот на Стопанска банка, Братос е претседател на Надзорниот одбор на банката, во кој членуваат уште седум лица. Од нив, двајца се Македонци.
Доколку Братос ја преземе директорската позиција, тој би застанал на чело и на Управниот одбор на Стопанска банка. Сегашен претседател на УО, кој брои четири членови, е Глигор Бишев. Тој има тројца заменици. Едниот е Тони Стојановски, генерален директор за ризици. Другите двајца заменици доаѓаат од Грција. Едниот е Диомидис Николетопулус, кој во исто време е генерален директор за банкрство, а вториот е Теодолус Скордис, генерален директор за корпоративно управување.
Со евентуалното именување странец за прв извршен директор на Стопанска банка, а без при тоа да има промени на сегашните имиња во Управниот одбор, менаџментот на банката ќе го сочинуваат тројца грчки директори и еден македонски директор. Сепак, опциите за прв човек сѐ уште остануваат отворени. За новиот директор ќе треба да даде согласност и централната банка.
Во меѓуреме, од Грац стигна и официјална потврда дека Глигор Бишев ќе биде новиот директор на Шпаркасе банка во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.