Каталонија, кастањети, фламенко, фудбал, ви звучи познато? Опишана како цвет меѓу најубавите градови во светот, Барселона е многу повеќе од обичен град, таа е колекција на мултиархитектонски дела. Но, веројатно никој повеќе не ја воздигнувал од архитектот Антонио Гауди, кој од овој град, буквално, направил огромна галерија на уметнички дела, а секоја градба носи единствена порака и мотив. Подгответе се за многу изненадувања во каталонската убавица.
Искористете ги евтините летови за Барселона
Со воведувањето на нискобуџетните летови, македонските граѓани ќе имаат можност да ја посетат Барселона за поволни цени. Цената на авионските билети од Скопје до Барселона се движи различно, во зависност од тоа во кој период од годината ќе решите да патувате, на кој датум или преку која авионска компанија. Најевтините чинат 30 евра.
Секако, доколку немате желба вашето патување да биде со авион, на располагање имате многу туристички агенции што нудат аранжмани, со вклучен автобуски или авионски превоз, хотелско сместување и организирано разгледување со локален водач. Ваквите аранжмани ќе ве чинат од 340 евра, па нагоре, за едно лице. Затоа, веројатно подобра варијанта е да изберете авионски превоз и сопствен аранжман за посета и престој во каталонската престолнина.
Ако се решите за патување со авион, ќе слетате на аеродромот „Ел Прат“, кој е оддалечен 14 километри од градот и имате неколку опции за да пристигнете до центарот или посакуваната дестинација. Секако, најевтин е јавниот превоз до и од аеродромот. Со автобус патувањето трае околу 30 минути, билетите во еден правец се евтини, чинат шест евра, а повратен билет ќе ве чини 10 евра. Транспортот со воз временски и ценовно е приближно ист со автобускиот. Користењето такси или изнајмување автомобил ќе ве чинат повеќе, но постојат како опции.
Во Барселона може да се најде добро сместување за прифатлива цена, особено во некој од хостелите што ќе ги најдете на интернет или преку туристичките агенции. Најевтините хостели ги нудат своите услуги од шест евра по лице, па нагоре, со пристојни услови.
За посеопфатно разгледување на градот можете да ги искористите туристичките двокатни автобуси, кои поминуваат покрај сите значајни знаменитости, по цена од 24 евра за возрасни лица и 14 евра за деца. Освен нив, на располагање имате метро, трамваи, автобуси, локални возови, кои функционираат до доцна во ноќта. Цените на билетите се движат околу две евра во еден правец, а можете да набавите и неколкудневни билети, чијашто цена се зголемува во зависност од бројот на деновите.
Прошетка по „Ла Рамбла“ и чаша сангриjа
Најголемото дело на Гауди на кое целосно посветил 15 години од својот живот е славната катедрала „Саграда фамилија“. Таа до денес не е завршена бидејќи за секој нејзин детаљ е потребна исклучително сложена изработка. Туристите ја обожаваат Магичната фонтана, која е направена во 1929 година. Покрај неа имаат можност да уживаат во игра на светлина, вода и на музика.
Задолжително прошетајте по прекрасната „Ла Рамбла“, пешачка зона во која царува вистинскиот дух на овој град – шаренило од цвеќиња, продавници со книги, улични танчари, глумци, пантомимичари. Овој долг булевар опколен со дрвја се простира од традиционалниот центар на градот „Плаца Каталонија“, па сѐ до споменикот на Христифор Колумбо. Со прошетката по „Ла Рамбла“ имате можност да го почувствувате посебниот дух и шарм на локалните жители.
Неколкуте најдобри музеи во Барселона еден ден во месецот се бесплатни за посетители. Најпосетениот, Музејот на Пикасо, Музејот на претколумбиската уметност и Музејот на каталонската историја се бесплатни секоја прва недела од месецот, како и чоколадниот и подводниот музеј. Настојувајте да одите порано за да ја избегнете турканицата, особено во Музејот на Пикасо. Доколку сте љубители на добра забава, вреди да присуствувате на некое шоу со атрактивниот фламенко танц и со прочуениот пијалак сангрија.
„Повеќе од клуб“
Барселона е вистинска фудбалска метропола. Таа е најпозната по истоимениот спортски колектив, еден од најголемите во Европа, кој опфаќа фудбалски, кошаркарски, ракометен, ватерполо и некои други клубови. Секако, најпознат е фудбалскиот. „Повеќе од клуб“ (Mes que un club) стои на трибините на најголемиот европски фудбалски стадион „Камп ноу“. Од надворешната страна изгледа како огромна бетонска градба. Но, има душа. Откако ќе го посетите овој фудбалски храм, ќе сфатите колку е фасцинантен. Луѓето овде, едноставно, дишат за својот клуб. До стадионот најдобро се стига со метро, а ако има натпревар, невозможно е да се загубите кога 90.000 лица со исти дресови одат во еден правец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.