Владата одлучи да ја намали цената на 192 комерцијални стана во Скопје, Охрид и Струмица изградени од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор. Во наредниот период во Скопје ќе се градат уште три згради со 292 стана за комерцијална продажба.
-Најмногу, по 100 евра за метар квадратен, поевтинуваат становите во Охрид. Сегашната понудена цена на 40 станови што се на продажба во објектот „Расадник“ блок 2, од 700 евра се намалува на 599 евра – информираше денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Во Скопје на продажба се 126 стана, чија цена се намалува за 30 евра по метар квадратен, односно од 880 евра за метар квадратен на 850 евра. Намалувањето на цената на становите во Струмица е за 70 евра по метар квадратен. Во Струмица се продаваат 26 станови лоцирани на ул.„Ѓорѓи Василев“ и нивната почетна цена наместо 570 евра по метар квадратен изнесува 499 евра. За 5 евра за метар квадратен, од 598 на 523 евра, ќе биде пониска цената на уште неколку станови во овој град. Новите цени, согласно одлуката за намалување, се без пресметан данок на додадена вредност.
– Со оваа одлука немаме намера да го рушиме пазарот на недвижности, туку напротив сакаме да понудиме цени кои се подостапни за граѓаните заинтересирани да купат стан изграден од државата. Практично со оваа одлука сакаме да ги доближиме граѓаните до проектот на Владата „Купи куќа, купи стан“ преку кој според последните бројки досега се купени 470 станови – рече Јанакиески.
Директорот на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов информира дека од планираните три нови згради една ќе биде во централното градско подрачје со продажни цени конкурентни на пазарните. Останатите две ќе бидат лоцирани во општина Карпош со цени коишто Грозданов се надева дека ќе бидат соодветни и ќе може да се вклучат во проектот „Купи куќа, купи стан“.
– Како и досега ќе одиме со 10 до 15 проценти пониски цени од оние коишто ги нудат правните субјекти – рече Грозданов.
Граѓаните, посочи, можат да ги следат претстојните конкурси, да се вклучат и да учествуваат на лицитација и да купат стан во тек на градбата или по завршувањето. – Од изградбата на комерцијални станови 10 проценти од профитот ќе бидат наменети за децата без родители, рече Грозданов.
Според него, пазарот ја диктира цената но сметаат дека цената на становите на оваа државна институција е реална. Добивката на завршната сметка на акционерското друштво, како што рече, е над 100 милиони денари, односно работат профитабилно со реална пазарна цена и добивка.
Во тек на годинава, најави Грозданов, ќе бидат пуштени во употреба 126 социјални станови во Прилеп, Демир Хисар и Ресен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Власта преку судот се изживува врз Јанакиески и Божиновски – тврди адвокатот Миланов!
-
Јанакиески и Божиновски во понеделник на јавна седница ќе бараат укинување на притворот
-
Цените на становите нема да се зголемат, ама нема ни да се намалат
-
Сугарески: Следниот месец оглас за распределба на 79 социјални станови