Младинскиот културен центар од 4 март 2015 година ја презема активноста на дебатниот филмски клуб „Лале“, кој успешно функционираше во кафулето „Менада“ во изминатите две сезони.
Активноста на клубот отсега ќе се одвива во посоодветни техничко-просторни услови, односно во џебното кино на МКЦ.
Клубот ќе функционира како непрофитна активност на МКЦ (проекциите се бесплатни) со идеја филмот да биде претставен во неговата уметничка димензија и притоа во непосреден разговор и дебата публиката да ги сподели своите критички и естетски судови и ставови по проекцијата на секој филм.
Клубот, природно, има и едукативна улога, со намера преку сопствени оцени и дискусија за филмовите да ги поттикне креативните размислувања на филмофилите.
Програмата што ја нуди дебатниот филмски клуб „Лале“ е грижливо селектирана и е составена од филмови со врвни уметнички референци, но и такви што се значајни по своето силно влијание, или се значајни заради контроверзноста, авангардноста и деликатноста било во тематска или естетска смисла, секако и тие што се издвојуваат со својата храброст, провокативност и, конечно, филмови што имаат силен авторски печат.
Во уметноста, па и во филмот „годините не се важни“, важен е само духот на човечката инспирација и идеја.
Селектор на програмата и модератор на дебатите е нашиот искусен филмски критичар Влатко Галевски.
Проекциите се одржуваат секоја среда со почеток во 20 часот во џебното кино на МКЦ.
Во март се планирани филмовите: „Човек гризна куче“ (4 март), „Тесен премин“ (11 март), „А сега рај“ (18 март), „Розата на Кавасаки“ (25 март).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



