| четврток, 6 декември 2018 |

Придружничката и главен сведок за убиството на Немцов ја напушти Москва

durickaja

Украинската манекенка Ана Дурицкаја, која е главен сведок на убиството на рускиот опозициски политичар Борис Немцов, ја напуштила Москва и е на пат кон Киев, изјави портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Јевген Перебјинис.

Тој на „Твитер“ објавил дека Дурицкаја „веќе тргнала за Киев, а украинските дипломати во Москва ѝ помогнале за нејзиното враќање дома“.

Дваесет и тригодишната манекенка, која била во друштво на Немцов кога е убиен во петокот во Москва, претходно изјавила дека не го видела убиецот, туку само неговиот автомобил. Таа за телевизијата „Дожд“ истакнала дека не забележала ништо сомнително во моментите пред убиството, а полицијата стигнала на местото на злосторството 10 минути по нејзиниот повик.

Дурицкаја се пожалила дека во Москва ја држат под постојан надѕор и дека, и покрај тоа што им ги дала сите информации на истражните органи, руските власти не ѝ дозволуваат да ја напушти Русија „поради лична безбедност“.

Руските власти истражуваат пет можни мотиви за убиството на 55-годишниот Немцов, вклучувајќи ги и заканите кои ги добивал поради својот став за нападот на францускиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“, а се разгледуваат и евентуални бизнис и лични причини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top