Предвремената исплата кон Меѓународниот монетарен фонд на кредитната линија за претпазливост за Македонија претставува позитивен сигнал за странските инвеститори и за домашните компании дека економијата е во добра кондиција и постои макроекономска стабилност, оценува извршниот директор на Сојузот на стопанските комори, Митко Алексов.
Тоа е особено важно, вели Акексов, ако се има предвид дека многу земји-членки на Европската унија не се во состојба редовно да ги сервисираат своите долгови и тешко добиваат одобрување за одложување за враќање на долговите.
Според него, дополнителен позитивен сигнал е кредитниот рејтинг на Македонија од ББ+, односно нашето рангирање во земји со стабилна економија и умерено ниво на задолженост.
Македонија предвреме и во целост го исплати долгот кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). На 27 минатиот месец е префрлена и последната рата од кредитната линија за претпазливост, во вредност од 174 милиони долари.
Со предвремената исплата заштедени се пет милиони евра на камати и курсни разлики, а подобрен е и имиџот на земјата зашто се намалени јавниот и државниот долг за 1,7 процентни поени.
Кредитот во износ од 312 милиони долари Македонија го зеде во 2011 година, а почна да се враќа кон средината на 2014-та. Последната рата е исплатена со средства од девизните резерви.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



