Вечерва во 20 часот во Салата Империјал на Македонската опера и балет концерт ќе одржи Ансамблот за современа музика „КонТемпора“. Овој концерт ќе биде второ претставување на ансамблот пред македонската публика по неговото формирање минатата година од страна на Сојузот на композиторите на Македонија. На програмата се дела од македонски и странски автори, од кои најголемиот дел ќе бидат изведени премиерно: „Пасторала“ за обоа (англиски рог) и пијано на Илија Илиевски, „Каливех“ за соло виолина од иранскиот композитор Махјар Хемати, „Патувањето на рибарот“ за обоа и фагот од индонезискиот композитор Мишел Тамбувун, Дувачко трио од бразилскиот автор Хеитор Вила-Лобос, „Медитација“ за виолина и пијано од италијанскиот композитор Аурелио Ското и Дувачки квинтет од американскиот автор Ричард Хембри.
На концертот ќе настапат седум членови на ансамблот „КонТемпора“: Катерина Бачевска (флејта), Владимир Лазаревски (обоа, англиски рог), Игор Иванов (кларинет), Марјан Милошевски (фагот), Владимир Костов (виолина), Бојан Талески (виола), Петруш Петрушевски (контрабас) и Ана Гацева (пијано). Влезот на концертот е слободен.
Ансамблот КонТемпора е камерен состав кој делува исклучиво на полето на современата музика и е ориентиран кон изведба на нови дела од домашни и странски автори. КонТемпора брои 20 членови и во зависност од репертоарот, делува во повеќе формации. Организатор најави богата годишната агенда на ансамблот се десетина концерти во Скопје и низ републиката, концертна турнеја во Белгија, како и реализација на бројни звучни записи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.